Реброто ми е најслаткото од месо. Има и мрсничко и удинче и коска. Комплет како за мене. Мефцето од ребро ми е омилен дел од прасе а богами и од теле.

Кокошка ребра нема a Адам едно помалку ради Ева.

Секогаш е сигурен избор во кафана-ресторан, одлично е и ладно и топло и свежо и пушено.

На буквата Р се двоумев меѓу риба и ребро и еве кој победи.

Имам доста инспиративни рецепти за ребро и разни маринади по повод истото со зачини, преливи, премази и така натака.

Ребра во животот сум маринирала со се и сешто. Од јаболка и круши до какао преку ораховка,  манго, мед, ананас и вишни.

Обожавател сум  на експериментални вкусови ама во последно време се насочувам кон едноставни рецепти и квалитетни намирници. Некако, маскирање на основниот вкус на намирницата ми личи на проба да се прикрие лош квалитет или грд мирис. Како на пример еден тон црн бибер во мелено месо или комбинација на зачини и кромид во бурек со месо. После некое време живот на село и готвење со намирници што се произведуваат традиционално со многу малку мешање на индустриската обработка, сфатив дека и непцето ми се сменило и вкусот и мирисот ми се башка. Леб од продавница не можам да јадам веќе, благ ми е.

Оваа недела бев в град цели 3 дена и сум спиена скоро пак ич. Сум се одвикнала од звуци на авотмобили и мотори по партизанска и тоа за само 2 години. Како што бев низ град, си купив баничка и геврек од една пекара во маркет (не било фино да ги именуваш) демек да каснам нешто дури одам наваму натаму. Леле, како картон печен да јадам. Геврекот беше со толку хемија во него што не можам да кажам дали беше благо или солено тестото.

Навиките се изменети, храната е вештачка како устата на Никол Кидман, вкусовите ни се целосно побркани.

Како и да е, ништо нема да се смени преку ноќ, квалитетната храна е скапа, органските јајца се оган а растителниот кашкавал е како сапун за миење раце.

Удирајте дикат што ставате в уста чат пат. Ќе се куртулите од бајаги апој покасно.

Да се вратам кај ребрата. Планирав да ги маринирам од вечер со мојата омилена маринада „Адамов кошмар“ која се состои од јаболка, кромид, лук, круша, домат, масло, буковец, пола цеден лимон, сенф, водичка, рузмарин и сол.

И таман решив да се спремам, бате кажа дека Балашевиќ отишол и толку ми се стажни душава што немав ни воља ни желба за ништо, а не пак за маринадата.

Кога бев мала мислев дека Балашевиќ ни е некој роднина. Толку често и во прво лице се зборуваше за него дома што мислев дека ми е некој чичко. Неговата музика беше позадинската мелодија на моето растење, сценографијата беше викендицата во Ореовец. Имаше тука и главни и споредни улоги, чат пат и статисти ама од него научив да сум сама свој режисер. Не можам да пуштам негова песна откако почина тетка ми. На цела тажнотија се смеев низ солзи, терца ќе му држи горе и ќе го опоменува ако ја брза мелодијата. Не знам што ми беше потажно. Тоа што тој отиде или тоа што ми се ситнат блиските луѓе.

На такво расположение, маринадата си отиде по вода а ребрата останаа небањати. Инаку, ребрата се од домашно и фино рането прасе, кое што уредно го распарчивме и спастривме со татко ми. Месото е фантастично и како такво, греотка е да го бањам со разни парфеми ????

Решив! Клот Ребро со клот компири печени.

Исечени какви што се, наредени во тава за печење, попрскани со сол од двете страни и додавање свинска маст да се топлат во неа. Во тавата налеав и половина чаша вода, ги ставив во ладна рерна и ја наместив на 220.

Кога постигна температура рерната, ја зголемив температурата на 250 некои 15 минути па намалив на 200.

Ребрата беа готови за саат време од прилика. Ќе си пратите боја и текстура на месото. Секое парче е различно. Гледајте да се од прилика сите иста дебелина да се готват рамномерно и во исто време.

Откако се заруменија и беа од надвор крцкави а внатре путер меки, ги извадов од тавата и ги наредив комприте во мрсното од ребрата и ги вратив в рерна на 220 околу 30 минути.

Ребрата и компирите беа боженствени.

Ги изедовме многу брзо, за кучињата ги прибравме коските и тие да се израдуваат и да кркаат убаво.

Кога планирате оброк со ребра, планирајте по 1 парче на човек, со 1-2 вишок за секој случај. Ако имате прилог компири, планирајте по 1 среден компир на човек или 3 мали.

Не се летајте со количини што ќе останат недојадени и после ќе треба да им барате чаре или да ги фрлате. Ајде, месото ќе го изедите и нареден ден, ама ладен компир е грда работа, а ако го притоплиш е бетер.

Ребро ми е омилен дел од месото а јадење ребро ми е омилена активност. Жал ми е што омилената храна ви ја раскажувам дури сум тажна.

Ама како што рекол еден друг голем човек! The Show must go on!