Кнедли

Кнедли со Слива или кнедлики или гомбоце или сливови цмоки или уште многу имиња ама вкусот е тој. 

Со кнедли илимити варено тесто сум скарана од дете, некако не се примивме. На големство имав уште еднаш блиски средби во Карлови Вари, 5 дена место леб кнедли ми даваа, ми се плачеше ко ќе дојдеше време за ручек. Освен кнедлите што ме прогонуваа насегде, за десерт ни даваа некакви чудни парчиња торта со големина на средна женска ташна. Саде пандишпан и шлаг или како што милува татко ми да речи „Благ леб“. 

Не знам за вас ама сите работи што сум ги избегавала или не сум ги сакала или сум имала сериозни стереотипи развиено, сите тие работи ми се сега или блиски или сум заљубена во нив или не можам без нив. Уште на крокс влечки не се давам!  

Било како било, приказната за вареното тесто и Маја имаше своја пресвртница со штруклите – Тоа е словенечки специјалитет мислам дека можам секој ден да ги јадам. Помош имав дирек од Примож и словенечката тетратка со рецепти. Тука почна работата да се прекршува и сватив дека може и да изградиме убав однос со вареново тесто. Е сега, кнедлите што ги јадев во Виена со Ииввааннаа беа совршенство. Мумлав и мумкав дур се давев во нив. 

Имам и малку себичен момент со обидов за кнедли. Љубовта на мојот живот има Чешка жичка, па ваква храна му прави некаква носталгија и посебен сјај во очите кога зборува за мајка му и прабаба му. Не дека некогаш ќе успеам да погодам некој рецепт како прабаба му Фанда, ама тетратката ја имам. Може и ќе изненадам. 

Значи, Кнедли беше муабетот. Рецептот е едноставен и релативно брз. 
За 10 -12 кнедли од прилика ( тоа зависи од големината на сливите) треба: 

За кнедли 

500 гр компири ( Варени) 

50 гр путер 

1 јајце 

220-240 гр брашно 

1 ванилин шеќер 

10-12 сливи – да се убаво зрели ама тврди 

минимум 150 гр шеќер 

100 гр презла 

 

За јадење : 

 Шеќер во прав 

 Мак 

 Прегорен течен путер 

Компирот се лупи, сецка на коцки и се вари во вода со малку сол. Додека се вари компирот убаво е да се исчистат сливите од коска. Со нож, со молба со што и да ви оди од рака извадете ги коските од сливите и трудете се да останат сливите цели.  

Компирите, убаво сварени се цедат и се пасираат како за пире ама без грутки. Јас користам една направија како огромна преса за лук ама оваа е за компири. На смесата од пасирани компири се додава путерот и јајцето, се мешаат и 10 минути се оставаат да се изладат. За тоа време просејте го брашното и измешајте го со шеќерот и ванилата. Може да додате и кора од рендан лимон или рум шеќер, тоа се веќе ароми во кои не се мешам, според вкус. 

Изладените компири се соединуваат со брашното и се замесува меко тесто. Треба да е убаво замесено, да не се лепи ама да е меко и да не го малтретирате многу. 

Поделете го на 10 -11 топчиња, истегнете ги на 1цм дебелина, сливата на средина и замотајте ја во ќебето од компир. Топките се ставаат во вода што врие со малку масло и сол и се оставаат да се испливаат сами на површина, тогаш се готови. 

Додека се варат кнедлите на тавче се пропржува презлата на малку путер или масло. Треба да смени боја. 

Сварените кнедли од тенџере се префрлаат во презлата, се брбелаат во презла и се оставаат да си дојдат на себе. 

За јадење се сервираат со додатци: Шеќер во прав, мак и топол подгорен путер.