Ѓувеч
Кога го почнав букваров со храна првата буква што ме стави во мисла беше Ѓ. Што да се готви на буквава? Вршник за ѓомлезе уште немам инсталирано во двор.
Ѓувеч е интересно, лесно и многу едноставно јадење со комплексен вкус. Нашиот ѓувеч е пандан на францускиот рататуј без глушецот. Ѓувечов го готвев под надзор на Михајло ( мице, елмјау)- нашиот прекрасен мачор.
Ѓувеч е идеална манџа ако сакате да потрошите зеленчук што го поседувате во поголеми количини од потребното, причините за тоа може да се различни: Јас најчесто одам на пазар и го кревам цел пазар: Ај од ова, леле пиперкиве, па ајде уште ова, ајде уште кило од ова и дома најчесто се враќам со торби како да се спремам за катаклизма , а дома сме двајца и тешко дека тоа сé може да се изеде брзо.
Не сакам да фрлам храна па најчесто или ја конзервирам или ја спремам и викам гости да исчистиме залихи од моето пазарење за катаклизма.
Денес не конзервирав, гостите уредно си ручаа-вечераа. ( проверени контакти со почитување на сите протоколи)
Во денешното издание на ѓувечот, во тавче на шпорет се соединија:
1 главица Кромид, 1 праз, 1 чшене лук, 3 пиперки зелени, 2 пиперки црвени, 4 моркови, ¼ целер, 1 пашканат, 3 домати( без лушпа), 10 бамји, 4 компири и малку магдонос.
Начин на подготовка:
Во тавче запржив ситно сецкан кромид па откако доби боја кромидот додадов ситно сецкани пиперки ( еден дел).
Следува додаток на сецкан морков, целер, домат на парчиња, остатокот од пиперките исечени на ленти, неколку бамји исецкани на парчиња и неколку цели бамји, лук исецкан на ситно.
Пропржувањето на зеленчукот трае околу 20 минути а потоа додадов вода да го покрие цел зеленчук и оставив да се вари на тивок оган исто околу 20 минути.
На крај додаов компири исецкани на коцки и уште 200 мл вода и оставив да се крчка се додека не испари водата.
Пред крај додадов сол, бибер, малку црвен пипер и магдоносот.
Ѓувечот денес беше без месо и без никакви додатоци од животинско потекло, храна погодна и за вегетаријанци и вегани.
Ова е една верзија на ова јадење. Во други верзии кои што ги готвам, додавам и модар патлиџан, боранија, грашок, тиквица. ( денес немав па изостанаа)
Доколку сте љубители на ѓувеч со месо, на почеток ставете го месото( пилешко или свинско) исецкано на помали парчиња,малку да се запржи, а потоа додавајте го зеленчуците еден по еден по редоследот што го опишав погоре.
Ако ставите телешко месо, јадењето магично ќе се претвори од ѓувеч во турли тава и истото ќе треба да го спремате подолго време.
На крај може да го ставите да се потпече во рерна ама не е неопходно.
Финатата за спремање на ова јадење е во умерената температура на готвење, малата количина на масло и додавање на зачините на крајот од готвењето.
Ние денес јадевме ѓувеч во комбинација со свежа салата од краставици и ротквици и прилог скиселено цвекло ( домашно) и тазе испечен домашен леб.