Кога го почнав букваров со храна првата буква што ме стави во мисла беше Ѓ. Што да се готви на буквава? Вршник за ѓомлезе уште немам инсталирано во двор.

Ѓувеч е интересно, лесно и многу едноставно јадење со комплексен вкус. Нашиот ѓувеч е пандан на францускиот рататуј без глушецот.  Ѓувечов го готвев под надзор на Михајло ( мице, елмјау)- нашиот прекрасен мачор.

Ѓувеч е идеална манџа ако сакате да потрошите зеленчук што го поседувате во поголеми количини од потребното, причините за тоа може да се различни: Јас најчесто одам на пазар и го кревам цел пазар:  Ај од ова, леле пиперкиве, па ајде уште ова, ајде уште кило од ова и дома најчесто се враќам со торби како да се спремам за катаклизма , а дома сме двајца и тешко дека тоа сé може да се изеде брзо.

Не сакам да фрлам храна па најчесто или ја конзервирам или ја спремам и викам гости да исчистиме залихи од моето пазарење за катаклизма.

Денес не конзервирав, гостите уредно си ручаа-вечераа.  ( проверени контакти со почитување на сите протоколи)

Во денешното издание на ѓувечот, во тавче на шпорет се соединија:

1 главица Кромид, 1 праз, 1 чшене лук, 3 пиперки зелени, 2 пиперки црвени,  4 моркови, ¼ целер, 1 пашканат, 3 домати( без лушпа), 10 бамји, 4 компири и малку магдонос.

Начин на подготовка:

Во тавче  запржив ситно сецкан кромид па откако доби боја кромидот додадов ситно сецкани пиперки ( еден дел).

Следува додаток на сецкан морков, целер, домат на парчиња, остатокот од пиперките исечени на ленти, неколку бамји исецкани на парчиња и неколку цели бамји, лук исецкан на ситно.

Пропржувањето на зеленчукот трае околу 20 минути а потоа додадов вода да го покрие цел зеленчук и оставив да се вари на тивок оган исто околу 20 минути.

На крај додаов компири исецкани на коцки и уште 200 мл вода и оставив да се крчка се додека не испари водата.

Пред крај додадов сол, бибер, малку црвен пипер и магдоносот.

Ѓувечот денес беше без месо и без никакви додатоци од животинско потекло, храна погодна и за вегетаријанци и вегани.

Ова е една верзија на ова јадење. Во други верзии кои што ги готвам, додавам и модар патлиџан, боранија, грашок, тиквица. ( денес немав па изостанаа)

Доколку сте љубители на ѓувеч со месо, на почеток ставете го месото( пилешко или свинско) исецкано на помали парчиња,малку да се запржи, а потоа додавајте го зеленчуците еден по еден по редоследот што го опишав погоре.

Ако ставите телешко месо, јадењето магично ќе се претвори од ѓувеч во турли тава и истото ќе треба да го спремате подолго време.

На крај може да го ставите да се потпече во рерна ама не е неопходно.
Финатата за спремање на ова јадење е во умерената температура на готвење, малата количина на масло и додавање на зачините на крајот од готвењето.

Ние денес јадевме ѓувеч во комбинација со свежа салата од краставици и ротквици и прилог скиселено цвекло ( домашно) и тазе испечен домашен леб.