TAKO
Намирници:
- 400-500 гр мелено мешано месо
- 1 конзерва мексикан микс ( пченка, грав, грашок, пиперка)
- Доматно пире -300гр ( Вистинско доматно пире!!! Не томатело, не кечап! Или доматно пире Македонија или нешто од тој ранг. Во составот да пишува дека има домати а не ксантан гума)
- Зачин за тако ( има готов тако зачин во веро) а ако сакате дома да си го направите избалансирајте ( сол, бибер, лут буковец, мелен коријандер(кој не сака не мора), кумин, лук во прав, кајен пипер, цимет, магдонос сув (или свеж) ) – Нашата варијанта е екстремно лута со додавање на мешавина од суви мелени страшни пиперки ( каролина рипер, тринидад моруга и има уште 10тина други сорти)
- Кора од рендан лимон (лајм е уште поубава варијанта)
- Темно чоколадо 70тина грама
- Кафеав шеќер
- Кромид,
- морков,
- целер,
- пашканат,
- пиперка ( 1 зелена и 1 црвена)
Подготовка:
Ситно исечкајте ги кромидот морковот, целерот, пашканатот и пиперката или ако е мрза во прашање, тураш се во сецко или блендер и ќе го напрај пуза! За мерак исецкано. Било кој блендер освеен нутри булет ( во него сок ќе ги стори) Ова свето тројство на кромид, морков и целер си има и свое име, во француската кујна се вика mirepoix јас си го викам комплет за супа 😊
Сите тие исечкани убавини ќе ги запржите малце, не да ги гламносате. Кромидот да е стаклест како очи после плачење . Следно на ред е месото, убаво да се запржи, да смени боја и да е спремно за капење.
На ред е мексиканскиот микс конзервата или ако имате други варијанти во животов па се имате башка, додавате по малку од сé горенаведено.
После миксот следува доматното пире, убаво да се промеша и се додава вода за да можи убаво да провари и да прокрчка. Ова е многу слично на сос болоњезе само што не е воопшто исто.
Покријте со капак и оставете 20тина до 30 минути да прокрчка на тивко. (не знам бројка оти на плин готвам) Фрлајте око да не загори.
После крчкањето ги додавате чоколадото, шеќерот. ората од лајмот и зачините. Зачините треба да се баш добро балансирани ако дома си ја правите мешавината а ако ја купувате таа од готовата тогаш цела кесичка ставајте без око да ви трепне! Готова смеса за тако има и во Белина. Мастрафот е готов. Може да го полните во тортиљи како тако или демек за бурито или за енчилада или за како ви душа сака. Има опција да наредите во тава 2-3 пакувања чипс од пченка, да потурите горе со мастрафов и да изрендате едно калапче кашкавал одозгора па се во рерна на едно 15 минути и после да пристапите кон праење фиран до колена.