Крофни со Џин
Крофните се ентитет сам за себе и истите се од посебна важност за многу луѓе. Ги сакам, ги љубам сакам да ги правам а најмногу од се, сакам да ги јадам.
Да разграничиме една работа, многу важна! Крофни и мецики не се иста ниту слична работа и капак на се, амерички крофни како оние што се рекламираат по шеталишта и панаѓури не постојат нигде на друго место освен кај нас. Значи, Амерички крофни се саде кај нас.
Еден месец од прилика ги мантрам и се мислам да ги направам ама пусто никако со време да се снајдам. дури и стигнав до стадиум да нацртам крофна од што толку бајаги ми се јадеа.
После тивка патња и копнеж по тие пусти крофни, конечно на ден 15.02.2023 свечено пристапив кон правење крофни и веќе во календарот на нашето семејство што се состои од двајца двоножни и другото се е четвороножно или троножно. И свечено го прогласив 15.02. за наш семеен ден на крофните. Може да го славите со нас заедно ако сакате!
Рецепт!
За овие крофни ви треба:
500 гр Брашно
10 гр сув квасец или 40 гр свеж квасец (едно пакување)
200 мл Млеко
20 мл Џин
2 жолчки
50 гр шеќер
20мл масло
сок и кора од еден цеден цитрон
кора од еден лимон
ванила екстракт или 1 пакување ванилин шеќер
ЗА кремот за полнење ви треба:
250мл слатка павлака млечна (не растителни ентитети)
4 жолчки
40гр путер
2 лажици нишесте
100гр шеќер
50 мл млеко
ванила екстракт или ванилин шеќер
Процедура!
Во засебен сад се става квасецот во комбинација со 1 лажица шеќер, 1 лажица брашно и се додаваат 100мл од млекото кое што треба да е млако накај жешко. Ова се остава да стои додека не почнат да се прават малку меурчиња, да се поткрени малку квасецот. Не мора да го активирате квасецот вака ама убава постапка е оти ако не проработи квасецот од разни причини барем нема да оди јабана цело тесто и сите намирници и ќе имате доволно време да набавите нов квасец или барем предвреме да се спасите од катастрофа.
Додека чекате да се активира квасецот во друг сад ги ставате двете жолчки, остатокот од шеќерот, сокот од цитрон, кората од цитрон и лимон, ванилата, џинот и маслото и убаво ќе ги соедините. Откако ќе се активира квасецот и ќе се уверите дека нема да ве зезни во понатамошниот процес, во поголем сад или во садот од стоечки миксер го додавате брашното кое што би било убаво да е просеано и правите дупка на средина па го додадавате квасецот, па остатокот од водените состојки и месите до добивање на убаво и меко тесто.
Тестото треба да убаво изработено, јас го ставам во миксер и го мешам од прилика 7-8 минути, тоа е од прилика доволно за да си створам едно кафенце.
Тестото после месење изгледа вака
Откако ќе го измесите убаво, ќе го оставите да се одмори на собна температура и да се дуплира во големина, од прилика како мене од 2018 до сега 🙂 Колку е потопло во просторијата каде што го чувате тестото, толку побрзо ќе порасни. Ако е многу топло, може и да се потсуши одозгора па да имате и една грдичка кора одозгора ама и со неа се може, не е страшно.
Процесот на стасување трае од прилика 90 минути, за тоа време може свет да се освои, филм да се гледа, да си црташ, да плачиш, да се смееш, да дремиш на инстаграм ама што и да правиш, мора да издовиш 15 минути за да го спремиш кремот за полнење кој што е строго опционален и се можи и без него.
Во тенџере не оган се става млечната павлака и 20 мл млеко да се загреат. Останатите 20 мл се соединуваат со 2 лажици нишесте и 2 лажици шеќер. Убаво се меша, да нема грутки. Остатокот од шеќерот се меша со јајцата и ванилата и се додава смесата од нишесте. дел од загреаната павлака се додава во јајцата да се измешаат убаво па после целата смеса се враќа назад во тенџерето ииии се враќа се на шпорет да се меша додека не се згусни. Во зависност од расположението во животот може да додадете и повеќе нишесте и смесата ќе биде погуста. Се трга од шпорет и додека е жешка во неа се додава путерот, се меша и се остава да се излади.
Поминаа 90 минути, тестото се расукува со дебелина од 1цм и се вадат кругчиња. Сакате со чаша, со шише, со шестар, со капак од тегла, со што ви душа сака.
Вака извадени кругчињата се покриваат со крпа и се оставаат на набрашнета површина или на хартија за печење од прилика 20 минути, односно, првите кругчиња ќе ви се спремни за пржење кога ќе ги извадите последните од тестото. Штом завршите со кругчињата ставете од прилика 600мл масло во тенџере. Треба да се вжешти убаво маслото а потоа намалете на пола од температурата за да може убаво да се испржат крофните.
Ги ставате една по една во тенџерето по специфичен редослед, горната страна од перничето оди во маслото и потоа растат како облачиња па вртите од другата страна и после тоа ги вадите на салфетка да си оди вишокот масло. Заради џинот во тестото, овие крофни многу помалку пијат масло, дека веќе се пијани 🙂
Овде завршува приказната за крофните со Џин! Се полнат со крем или сркате од кремот засебно или само ги наросувате со шеќер во прав или може да ги полните со мармалад или чоколаден крем или со крем за лице, ваша работа.
Само ве молам јадете одговорно и имајте осет дека кремот лесно излегува од крофната и можи бербат да се сторите. Ако сте трапави како мене, јадете ги крофните в када.