Харбунгени

Сите видовте и разбравте  дека конечно ми стигна витрината и ја наредив со сите срчарии и порцелан што трпеливо чекаше повеќе од 2 години да си го најди конечното пребивалиште. Некои видовте на слики, ама имаше и такви па им ѕвонев им пеев на слушалка колку сум радосна за витрината, извинете сите топтан ако ве напнав. 

Е сега, витрината беше во придружба на картони на кои што требаше да им се најди крајот и да се спастрат некако. 

Дома, се е спастрено, средено, дека Кимет беше дојдена да не донеси на ред и се думаме со Ангел како да искашкаме нешто и да отсуредиме. 

Споивме убаво со корисно и ја запаливме скарата надвор. Ем ќе ги изгориме картоните, ем ќе израстуриме, ем ќе кркаме.
Планот се скрои за 5 минути и се реализираше во наредните 2 часа.
Значи,ќе кркаме Харбунгени! И се јавив уредно на Јаца да дојдат на харбунгени ама си реши да оди дома да пегла.
Имав некој шубидуби рецепт за лепчиња и таман го пробав.
Значи, вака оди рецептот! 
За домашни лепчиња:

  • 200мл млеко
  • 100мл вода
  • 60гр путер
  • 1 јајце
  • 500гр брашно
  • 7гр сув квасец
  • 1 лажиче шеќер
  • 1 лажица сол
  • Сусам

Брашното,солта, квасецот и шеќерот ги турив во ванглата од миксерот и ги свртив еднаш колку да се запознаат.
Млекото и путерот отидоа на запознавање и растопување во микро печката на 1 минута а јајцето го скршив и го изматкав.
Пуштив миксерот на 2ка, со намонтирана мешалка за тесто, додавав полека од млекото и на крај го додадов и јајцето и ги оставив да се вртат на диско ритамот од мешалката на мискерот.

Тестото е толку меко и мирисно шо ми дојде на момент да му турам ванила и се да фати во друг правец.
Го извадив од вангла на набрашнета површина и го прибрав во фина долгнавеста форма од која извадов околу 10 парчиња од прилика по 80 грама. Ова се мали лепчиња за мали харбунгенчиња. Ако сакате поголеми, удрете на тестото на 4-5 дела и завршена работа.
Парчињата ги стуткав во ѓозлемиња и ги наредив одма во плехот за печеење, на хартија нормално и ги покрив со крпа да не настинат. Во плехот ги наредив на растојание едно од друго како мајки на скарани деца во градинка.
40тина минути дремеа така, па ги поднамачкав со трошка млеко одозгора и ги наросив со сусам и праец во загреана рерна на 200 степени на од прилика 15тина минути.
Месото!
Јунешко месо, два пати мелено на машина.  Изборот падна на јунешки мускул со малку мрсничко. Со касапот сме блиски па може да се договориме што точно сакам. Јас сакам да мислам дека сме другари ама може и да му ги фатил камен нозете со мене па е само фин и љубезен. 
Го измесив убаво со сол и малку масло и ништо друго. Доволно беше убаво и сочно па не морав да го шминкам со зачини како на пример црн бибер. То ти е исто ко на бубуљица да клаваш пудра. Џабе е, се‘ се познава. 

Исто и месото, ако вкусиш посериозни количини црн бибер во мелено месо знаш дека месото не е баш чешит.
Го поделив на 7 топчиња за мини плескавичиња. Мама да беше овде ќе речеше, си играте играчки деца. 

Скарата спремна, месото го испеков за 7-8 минути! Ем мали ем дебелки тие плескавичињата, за мерак излегоа. 

Внатре ги подоставив да се малце живи (така си ги сакаме). 

После дојде делот на склопување на харбунгените ама дојде и Михајло мачорот и го намириса месото. 

Требаше со пушка да го чуваме дури ги склопував харбунгените. 

На сите страни го имаше и ми правеше притисок суптилен да дадам малку од мефцето. На крај попуштив и со живци и со памет, Михајло си лапна едно плескавиче и животот продолжи понатаму. фактички, Мице данок ми зеде. 

Ги склопив со малку мајонез, кечапче, кромид на крукчиња, краставици кисели на крукчиња, рукола, луто пиперче. 

Од прилика тоа беа по состав. 

5 харбунгенчиеа исчезнаа во рок од 10 минути, другите два исчезнаа касно во ноќта.