Брзи погачки за неработен ден сред пандемија или погачки да ве извадат од незгодни ситуации од типот- ставај го кафето тргнавме кај вас.

Рецептов е едноставен како рамностран триаголник, единствена маана му е што една доза е малку.  Ние дома пола доза на пробување ја таманиме.

Ако хипотетички сега немаше пандемија и ти се најават гости а ти си капнат уморен од работа и во фрижидер има штурци оти за пазарење немало време, ова ќе те извади од тонч ситуација.

200 или 250 грама путер – колкаво е пакетчето, толкаво. Има варијанта со мелени џимиринки, чварки, пршки, зависи како си ги викате. Мелени, во количина колку путерот.

0д 250 до 350 грама сирење – Фета е одлично дека лесно се работи и брзо се соединува ама јас си сакам појаки вкусови па некогаш си ставам козјо, некогаш овчо сирење. Во принцип што имаш во фрижидер. Може и урда. Козјото или фетата од олимпус се со идеални пропорции и грамажа за рецептов.

Брашно – од 250 грама нагоре, се додека не добиеш убаво, нелепливо тесто. Може и со интегрално ама во оваа комбинација подобро оди бело брашно.

Сите состојки се ставаат во сад, се мешаат и месат се додека не се добие еднолична маса што се вика тесто. Тестото, оди во фрижидер на половина час да одмори.

Додека тестото одмара, рерната се загрева на 200°целзиусови, се мати едно јајце за бањање и се спремаат орнаментите за декорација и вкус.

Значи, може да користите разни семки, сусам, триена сол, буковска пипер, црн бибер, шарен бибер, нане, босилек, мајчина душица, вегета, ким или комбинација од сите, изборот е на креаторот.

После заслужениот одмор, тестото се сука на набрашнета површина и се престорува во море од тесто со дебелина колку малото прсте (од раката) или колку што е преспанско длабоко периодов.  Се вадат форми по желба. Може и на ленти да се сече, може со чашка за ракија да се вадат форми, може и со калапчиња што ви се шуткаат по дома, може да дадете на децата да го средат па да имате апстрактна уметност, може што сакате.

Ако пробате форми со преклопување, обавезно сукајте го тестото потенко.

Спремните форми се префрлаат во тава за печење и се премачкуваат со матканото јајце од погоре. После тоа се посипуваат со орнаментите и се ставаат во рерна.

Се печат 20тина минути или дури не поруменат.

После вадење од рерна никој не може да им гарантира долг опстанок и безбедност.

Превкусни се.

За неработен ден сред недела или неработен дождлив Вторник се измислени! Ем брзи ем вкусни и може денот да си го поминете како сакате.

Примете топли путерни поздрави од дождливото и чисто Побожје.