Дојде денот, сите ќе куртулите. Последната буква, последниот рецепт од азбукава на манџи што ја почнав целосно неспремно, без план и генерално без памет. Искрено, збунета сум од самата себе дека ја дотерав до крај. Си дадов надеж до кај Ж ама ете видиш, чудо едно, стигнав до Ш.  

Ш падна на велигден! Христос Воскресе! Сите да сме си здрави и да останиме читави во паметот.

Ш – не е шарени јајца а ми падна на ум и таква работа. Последна буква, убав ден, треба да се одбележи достојно. Ем ручек за празник да се истера, ем да си го крунисам ликот и делото со најкомплицираната манџа што можеше да ми текни!

Коренот си го прави своето, си влечи и тегни, прилепската жичка ми е еднакво јака како битолската. Е сега, прилепскава испадна тро појака оти ако ме тегнеше поќе битолската на Ч требаше да зготвам чкембе чорба ама тоа никогаш нема да се случи. Не можам до толку да се договорам со миризбата на тоа чудо дури се вари.

Значи, да не ја должам и да ја ширам, на Ш- Ширден!

Ширденот е врв на кулинарството во Прилеп, симбол јадење на градот. Не знам до каде се со иницијативата за зачувување на ширденот како специфика и традиција на Прилеп ама јас знам до каде сум со кулинарствово после рецептов. Стигнав до крај! Ш- Шнајдерка се сторив за рецептов????

Името потекнува од турско и го означува името на четвртиот дел од желудникот кај преживарите. Основа за да го спремиш рецептов е да имаш ширден.
Значи, велигденскиот период е фино време за ова јадење дека има тазе јагнешко месо, што значи дека има и ширдени.

За да спремите ширден ќе ви требаат минимум двајца родители, еден тетин, еден колега од тетинот, сестра за да се мршти дури се спрема, дечко што едвај чека да се спремат, голема маса да се распостелиш, игла и конец а не шана шие на машина, вишок коленици за да може да се издржи целото стоење додека се спремаат и многу љубов, поддршка и трпение за да може да се изведи ваков сериозен гастрономски потег.

Значи! Татко и мајка требаат за да помагаат околу подготовките и како надзор, нормално! Тетин за да ги донеси ширдените од Прилеп, колегата негов да за ги одбери, сестра ми за да премира оти биле бљак и Ангел да ми прави опструкции и конспирации за да ставам и јагнешко во ширденот ????

Традиционално, се спрема со три вида месо (свинско, јунешко и јагнешко) ама јас не сум нешто традиционална а јагнешкото ми мириса па го сакам само со два вида месо.

Јагнешки Ширдени

Јунешко месо

Свинско месо

Ориз

Магдонос

Црвен Пиепр

Црн бибер

Јенибар

Вегета

Масло

Топла вода

Значи, треба да имате јагнешки ширдени, да се добро чистени, миени обелени и да не мирисаат на ништо! Ако не ги средиле на касап треба дома сериозно да се испотите да ги спастрите, средите и и исчистите. Фала Орде, овие беа бели биљур, па не мораше да ги рибаме со мама со саати.

Освен јагнешките ширдени треба да купите свинско и телешко во количини што се тешко мерливи оти ние како фамилија немаме осет за количини! Ширдените беа на број 12, а количината на месо беше по 2 кг од секое месо поединечно.

Ако не знаете да бирате месо, пратете родителска единица што знае. Во случајов, мојата родителска единица татко го одбра месото за медаља! Помрсно свинско и троа попосно јунешко.

Месото како такво, се остава да одмори после пазарење и се преминува кон сецкање на истото на ситни парчиња. Значи, ситни коцки по ½ цм од прилика. Тато, си го зеде ножот, го наостри и ко му писна на месото, го спастри на коцки да се чудиш. Истото беше сторено со прецизност на машински инжењер што има жена која сака совршено средено месо за ширден. Во случајов тоа се татко ми и мајка ми.

Ќерката, го исецка кромидот на ситни парчиња – 3 главици средни од прилика и ги стави во тенџере на масло да се запржат. За да не го чекате долго кромидот да се запржи или да го гламносате, ставете му сол побрзо да ја пушти водата.

Во запржениот кромид го ставате месото, количинава наша беше доволно голема па едно време се помислив тенџерето за ајвар да го извадам во него да пржиме.

Месото се пржи со кромидот, треба да ја пушти водата, убаво да се подвари па да почни да се запржува и во моментот на запржување му додавата црвен пипер (по можност од Прилеп од пазар) црн бибер мелен (и тоа е од Прилеп) сол, вегетата ја балансирате со солта, додавате специфичен зачин Јенибар или познат како најквирц или пименто, една-две раце ориз (колку да стегни) и магдонос. Го оставате испрженото месо да се подизлади малку и додавате две јајца и убаво мешате. Значи, ако сте почнале процедурата од кај 2 попладне, сега треба да е негде околу 6 попладне а не сте ни до пола ????

Ширдените убаво измиени, ги ставате во цедилка да се исцеди вишокот вода ги земате еден по еден и треба да ги наполните. За оваа операција треба да имате спремни игла и конец, топла вода и тава каде што ќе ги сместите удобно. Јас одбрав тиркиз конец, да дречи за да не го голтни некој случајно. Некој ги затвора со чечкалици, ние сме од тие со конецот.

Ширденот има 2 краја и генерално се отворени. Помалиот отвор или го подврзувате со конец или го шиете. Мазната страна од ширденот треба да е лице а рапавата опачина. Ако се свртени наопаку,  треба да ги превртите ко чорап пред диплење.

Со искусна прецизност и нерви ортоми почнувате да ги полните ширдените еден по еден. Се полнат скоро до врв, убаво се распоредува смесата внатре и се дополнува за вода за да може да навари оризот.

Горниот отвор потоа се шие со игла и конец. На крај на шиењето се подврзува конецот и сега сум на мисла да и побарам на ветеринарката матична игли за шиење рани, мислам дека полесно и побрзо ќе оди шиењето. И така си крцкате се додека не го исполните и последниот ширден. Ако имате вишок смеса од месото слободно замрзнате ја и искористете ја за нешто друго.

Наредени во тава, се наливаат со водичка, се посипува уште малку вегетичка и црн бибер, удобно се сместуваат во тавата, се боцкаат на неколку места со иглата што шиевте, се покриваат со капак и се праќаат на печење во рерна на 250° целзиусови. Се печата од прилика 1 час, потоа се вадат од рерна и нежно, полека, со прецизност и трпение на стручно лице што демонтира бомби ги превртувате на другата страна. Ги враќате назад во рерна уште 2 часа ама негде при крај се намалува температурата на 180°Ц. По истекот на времето предвидено за солариум, ги оставате во рерната да живеат оти сатот е сто! Во меѓувреме и христос воскресе си рековме и со јаца се кршевме и колената со мама како бумбари ни се сторија а тато ќе бара оштета за кичмата ????

Така спастрен ширденот го јадевме денес за ручек со потесното семејство и после јадење сите бевме како ширдени наполнети освен бате ???? За неа имаше резервна варијанта сарма од штаве.

Среќни празници луѓе! Благодарам на сите што бевте со мене од А до Ш а и на тие што лапнавте некоја буква. Пролет е надвор, денес троа и изгорев на сонце! Во моментов пеат пилци кај мене на село ама некој од викендашиве има некое погано радио, шиба лоша музика, џигеров ме боли.

За крај, да се заблагодарам на сите за поддршката, коментарите, маубетите, советите и восхитот за рецептиве!

Благодарам Ангел што ги изеде сите букви, што 31 викенд ме чекаше да завршам рецептот за да може да работиме или неработиме низ дома.

И на крај, говоров ко за оскар се стори!

Наздравје!