Тарт – Чист Понеделник
Прв запис после полна 40ка и прва доза вакцина. (Сите што ќе читате во иднина- во 2020 имавме светска пандемија на корона вирус па бевме заклучени бајаги време и после не вакцинираа, ова писание е од тој период)
Си завршив со азбуката, сега продолжувам без некој план и програма, со истата желба за готвење ама без букви.
Значи, со полни 40 години и прва доза вакцина, ме фати чист понеделник и решив да одмалам што имам по кујна и фрижидер оти сум хордерче на продукти и производи.
Ако треба да се купи 1л млеко јас купувам 4, да се најди, да не снема.
Е сега, дека демек роденденов беше важен јубилеј и зедов кренав по продавници ко за потоп. Како во mission London „Од сичко по 5“
Намирници како за цел батаљон купив.
Помина роденденот, се изеде што се изеде и остана едно чудо храна. Што зготвена, што незготвена.
Во меѓувреме заминав за Струга ама ги мислев работиве, леле ако се расипат, леле ова леле она.
Откако се вратив им го собирам да расчистам и почнав со мини тава зеленчук- се што имаше во фрижидер останато – кромид млад, домати, моркови, печурки, лукче, магдонос, блитва. Сум ги направила за медаља.
Исто така сплескава и еден олимписки базен со таратур, ќе го јадиме 5-6 дена сигурно. Сум кренала 3 кофи павлака и скоро гајба краставици.
Е сега ова што беше соленово го донесов во некој ред, благо и овошје имаше исто за извоз.
Еден сирот ананас се смали од чекање да биде изеден и на крај се претвори во компост.
Значи, да не ја должам, срамота е. Имав мелени бисквити небаре градинка ќе отворам, Путер секогаш имам минимум 5 паковања од 250гр. Тоа е дозволениот минимум без да ме фати паника дека немам путер. Секој со болеста, јас мојава си ја контролирам некако.
Дома може да нема леб ама чоколадо за готвење не можи да нема.
Јагоди имав купено исто без осет, да не се повторувам 🙂
Е сега вака е процедурата:
300 гр мелени бисквити (јас имав некои од пионир не беше плазма ама супер се) се мешаат со околу 120-130гр ладен путер. Ги измешав во блендер и ги вртев некои 2-3 мин. на крај им додадов 3-4 капки павлака за готвење. Моја кравица и олимпус се млечни а мегле и полимарк сосе хопла и така натака се растителни. Јас си користам од првиве- млечни. Како што и претходно сум кажала, ако доволно долго ги матите млечните павлаки ќе добиете путер.
Смесата што ќе ја добиете треба да е меѓу пластелин и оној новиот песок како и да се викаше, деца што си играат.
Смесата ја ставив во калап за тарт, треба да се распореди и измазни. За вајањево користам метална мерица што има рамен газер и супер се работи со истата. Може со лажица или со мало тенџерче или со прсти.
Обичниот тарт го ставам после мазнење на печење а овој го ставам во фрижидер да стегни малку.
Имав лименка зашеќерено кондензирано млеко што ми се шуткаше навака-натака. Jа варев едно 3-3.50 саати на тивко и го добив моето омилено- Млечен Карамел.
Извадив тартот од фрижидер, турив карамел, турив јагоди и одозгора го турив чоколадниот мус.
За чоко мус ставив – 150-60 мл од млечната павлака да се мати во миксер а на шпорет растопив 200гр чоколадо за готвење. Од чоколади за готвење ги признавам Callebauot со 80% какао ама не може секој да земи и да се товари со 2.5кг пакување од истото. Втор избор ми е Кандит! Врв од чоколадо за готвење.
Е сега, павлакава ќе се мати едно 10 минути минимум и ќе стигни до некоја средно-жалосна густина. На таа густина додадов чоколадото растопено и продолжив со мешање и тука ме фати паника дека ќе се растечи нештово и дека ќе треба да го сркаме со лажица тартот и ќе се претвори во еден куп дамки по алишта. Набрзина смиксав троа желатинче со вода, го ставив да се растопи па после троа го стопив и го турив во смесата со павлака и чоколадо и уште малку го извртив со миксерот. Леле каков крем убав. Прекраснооо!
Турив врз јагодите па се занесував со декорација и на крај излезе како ѕид пукнат ама го изедовме.
Вкусно, благичко и релативно лесно и брзо за спремање.
Нема научна фантастика постапки, водени купки и тн…