Трајна слава на меделинките дава Марсел Пруст во неговото писание ,,Во потрага по изгубеното време” а историјата и географија на колачите е во Франција и нормално, има неколку идеи и приказни за тоа како се родиле и кој е крив за истите.

Кој и да ги измислил, фала!

,,во моментот кога голтката измешана со ронки од колачот ми го допре непцето, се стресов и фатив да внимавам на она што се случуваше во мене. Ме обзеде пријатно, за ништо неврзано задоволство, без претстава за својата причина. И веднаш ме направи рамнодушен спрема искушенијата на животот, неговите невољи станаа безопасни, неговата краткотрајност илузорна, како што прави љубовта, исполнувајќи ме со некаква скапоцена суштина: или поточно, таа не беше во мене, јас бев таа суштина” Пруст.

Пруст и писанието негово не ми влијаеле на личното доживување на колачињава, само некако ми го објасни и дефинираше чувството што го предизвикуваат кај мене. Оти Пруст го читав на големство а колачичиве ги јадам од мала.

Не знам како ми допаднале под рака, оти дома не беа на репертоар ама вкусот на првото залаче од колачов мислам дека можам да го нацртам. (ме родила мајка без талент за цртање ????)

Ем е меко ем малку влажно, се распаѓа без џвакање, мириса на лимон па после врти на кајсии па го снемува, па после ги таманиш сите и вршиш геноцид на кутијата кај што се сместени.

Мислам дека прв пат дома ги донесе тетка ми од негде. Луѓе од патувања носеа сувенири, таа носеше храна или ако не можеше да ја донеси, пробуваше да ја реконструира да ја пробаме. Некогаш ја раскажуваше храната и вкусовите. Чудно, ама кога ќе го пробаш нештото, такво е како што рекла. Дали беше сугестија од раскажаното или навистина беше раскажувач на мириси и вкусови, не знам.

Си отиде пред некое време и сега ми се враќа филмот дека воопшто не беше задоволна од новите вкусови на нештата.

,,Не е месово како порано, не мириса така. Ова сега без вкус е, без мирис, ко трат. Порано мискојни мирисаше супа од кокошка, сега ништо”.

Мајка ми со години се бори со избор на леб. Има некој изострен осет за мирис и ги сеќава адитивите од а до ш. Во една година, татко ми ги донесе дома сите можни лебови, сите и’ беа исто лоши, мирисаа.

Некогаш знам и јас да фатам една жичка во леб купечки, мирисаат на цимет или се преблаги.

Татко ми бара едни колачи во алуминско калапче, саваринки се викаат, го враќаат во детство. Мајка ми проба да ги реконструира и тоа успешно. Го врати во детството, уште калапчињата треба да се погодат, алумински да се ????

Сите имаме вкус што враќа негде назад, и не телепортира во друго време. Мене луѓето ми се асоцирани со миризби, така и ги памтам. Факс ултрамарин си има име и презиме исто и запршка со кромид.

Таков телепорт возило ми се меделинкиве. Ме враќаат во второ-трето одделение во ОУ ,,Кочо Рацин” во Прилеп, среде двор школски сум, ќе одиме на пица во ,,Леоне”(карши школо е) па се прават последните подготовки, се нарачува бурек за сестра ми од ,,бело лале” оти бате пица не јади а мене ми мирисаат дланките на колачиве, имам кесичка од нив в џеб, празна е.

Во последно време ги правам често, 20 минути работа се. После уредно ги пакувам и ги носам на работа демек ќе каснат колегиве и ете го Дарко, ќе ги проба и ќе почни да вика ,,грди се, ауу лоши, ич не се убај за јадење остајте не ги јадете, ич нечинет”или другата тактика, ,,земете по едно и доста е” следна сцена- нема колачи.

Му кажав дека се на репертоар денес, не верувам дека ќе дојди да ги собери, ама знам дека ќе ги мисли.

Состојки за телепорт:

110 гр путер стопен и изладен

150гр брашно

90 гр шеќер

4 јајца -на собна температура

Сок од ½ портокал Р

Рендана кора од портокал, лимон и лајм

Прстофат сол

Ванила

Калап за меделинки

Постапка

Рерна на 180

Путерот го топите и го оставате да се излади и му го додавате сокот од портокал.

Јајцата со шеќерот и солта се маткаат во миксер на највисока брзина и тоа околу 7-8 минути. 

Во смесата ги додавате ренданите кори и ванилата и убаво мешате со спатула или дрвена лажица.

Го додавате брашното, најдобро е со сеење и го мешате полека и нежно со смесата. Убаво да се соединат, внимавајте да не ви се направи џеб од брашно во смесата! После ќе се дупни џебот и ќе плачиме.

Откако добро ги соединивте брашното и јајцата , го додавате путерот. Мешате полека, добро ги соединувате. Мешајте убаво, путерот има тенденција да падне на дното на садот и да ви се крие. Мешајте убаво ама лесно.

Калапот за меделинки ако е метален, премачкајте го со путер ако е силиконски немате гајле.

Ставајте од смесата во калапчињата и печете околу 10 минути.

Јас имам 2 калапи со 6 и 12 парчиња и смрт ми е печењето на рати ама крајниот резултат е фантастичен!

Наздравје!