Како тинејџер воопшто не јадев манџи, не ги поднесував. Ми беа демоде и старски. Не ми беше кул да јадам манџи, грав, боранија, грашак. Периодов траше од првата извидничка средба, после тоа сé јадев, вклучително и скакулци( многу се вкусни). Дури и омиленото, манџа со компири го држев на минимум. Во мода беше брза храна! Хамбургер, тост! Модерни беа едни хамбургери генерација М се викаа. Од генерација М до генерација XXL  J

Со манџи поинтензивно се зближив на стари години, после 24. Мајка ми, сериозно добра готвачка со прекрасно портфолио на зготвена храна и успешно спроведени имендени, родендени, собиранки и други семејни згоди и незгоди рече: Пробај бре, нема да умриш ако пробаш! Пробај и ако не ти се бендиса не јади.

Залакот од зелка манџа што тогаш го пробав, ќе ме следи како репер за вкус додека сум жива. Повкусно и посочно нешто никогаш претходно не сум пробала. (Сум пробала, ама во тој момент толку многу ми се фати залакот за непце, мислам дека тоа беше еден од пресудните моменти за повторно заљубување во манџи).

Зелката е во роднински врски со прокељ,карфиол и брокула. Заеднички предок им е извесна дива зелка која што растела по полиња, а луѓето виделе себап па почнале да ја одгледуваат. Зелката има и свои приврзаници и обожаватели а според статистики (кои што никогаш нема да ви затребаат во животот) најмногу зелка јадат русите па белгијанците и на трето место се холанѓаните.

Зелката се консумира во неколку форми: Свежа зелка во форма на салата, зелка манџа, пржена зелка со суви сливи, сарма и тн…

Конзервирана форма или сторена зелка за зимница во форма на сарма, подварок, салата со буковец. Кога сме кај конзервирање зелка само да ве потесетам на убавините на расолницата или јува ( течноста што се добива од конзервирање зелка) богата со витамин Ц.

 Процедурата и рецепт за конзервирање зелка во буре што се користи за зимски олимписки кујнски игри ќе може да најдете кај мене на профил на инстаграм @majama23  или на тазе сајтот mayacooks.mk кога ќе имам време да си напишам домашна и да ги споделам сите рецепти за зимница и конзервирање храна.

Прв пат кога ја спремав имав страшна трема. Готвење манџа од секогаш ми било комплицирано а во суштина е многу едноставно и многу лесно. Не одзема многу време а количините може да се прилагодат во зависност од потребите. Убаво е барем 3 пати во неделата да имаме манџа по дома и да заигра лажицата.

Омиленото јадење на другарка ми Тања, зелка манџа уште попозната како расолно или купувче се подготвува од свежа зелка која што со помош на топлина, месо и други додатоци се претвора во прекрасна манџа која може да се јаде во пролет, лето и есен. Во зима јадеме зелка од конзервираната.

Овој рецепт се спрема со свежа зелка и намирниците потребни за подготовка варираат од бројот на луѓе за кои што се спрема.

Во математиката за количини соодносот треба да е:

150гр месо и 75гр зелка по човек.

Бројките за количини ми се одокативни оти сум ќерка на мајка ми и мора да има вишок за кој што вишок ќе тормозам некого (читај Ангел) да му ја дотурам уште една лажица за да се измие тенџерето.

 Во последно време вишок храната успешно ја решаваат Тоби, Буви и Круме- нашите вечно гладни кучиња. Им благодарам за напорот и комплиментите за добро зготвеното кога ќе видам празни порции ????

Бидејќи немам осет за количини, денешната манџа ја спремив со 2 кг зелка и 6 кременадли за 4 луѓе. Ќе има и за утре и за трите кучиња ????

 

Ова е манџа без кромид и запршка!

 

Потребни намирници:

  • Зелка – 75 гр по порција
  • Месо сечено на помали парчиња (свинско, по можност со коска) 150 гр по порција
  • Суви сливи – 7-8 на број
  • Свеж или сушен домат (зависи од сезоната)
  • Свинска маст -3-4 лажици или сончогледово масло 30-40 гр.
  • Црвен пипер 3-4 лажици
  • Црн бибер – 3-4 гр
  • Лимонтус – ½ пакетче
  • Сол – 1 ½ лажица

Во длабоко тенџере ја топам маста и го пржам месото. Месото може да е исечено на коцки или може да се цели парчиња. Денешниот рецепт е со кременадли на кои што им ги извадив коските. Иако извадени од месото, коските

беа дел од манџата. Освен кременадли може да си ставите ребра или пафлак или пак може да пробате и со пилешко на пример.

После пржење, месото е времено расселено во друг сад додека ја редам зелката.

Зелката, исечена на половина, исчистена од средишниот тврд дел (може и тој дел да го оставите во манџата ама да е исечен на ситни парчиња) се сечи на ¼ и после секоја ¼ на парчиња со дебелина од 5-7цм.

Октако го преселив месото од тенџерето, почнувам да ги редам парчињата зелка. Првиот ред зелка е наре

ден со тоа и првиот круг до топлото (пеколот) е готов, додавам црвен пипер, лимонтус, бибер, 3-4 парчиња домати и

 3-4 парчиња суви сливи.

Вториот ред е месо – неколку парчиња (распоредете го месото за да може да имате доволна количина за 2 реда)

Третиот ред е зелка, одозгора ја продолжувам постапката со зачините, сливите и доматите, го додадов остатокот од месото и го наредив последниот ред со зелка.

Најгоре ја повторив приказната со зачините, сливите и доматите.

На комбинацијава ред зелка ред месо, додавам 2 чаши од 200мл вода, покривам со капак, ставам на силен оган 15 минути. После 15 минути намалувам температура на тивко и оставам да се крчка 2-3 часа.

Во периодот од 2-3 часа додека се готви манџата опциите што ги имате се безбројни. Може да се бркате низ дома со алиштата за перење, со правосмукалката, да гледате серија, да правите десерт, да пеглате (ако пеглањето ви има смисла) да читате книга, да имате состанок на зум, да пресадите цвеќе. Единствена опција што ја немате е да го оставите шпоретот и да излезете од дома. Значи, додека се готви манџата  да сте дома. Без разлика дали имате тајмер на шпоретот или wi-fi рингли или имате орудие што е технолошки напредно, дома да сте.

После 2-3 часа, зелка манџа е спремна и се јаде со сласт. Кај нас дома комбинација е следна: Чинија зелка манџа, сува лута пиперка потпечена на рингла или запалка, домашен леб и газоза.

После јадење сите се во транс и се препорачува медитација со перница во хоризонтална  положба.

Пријатно јадење