Секогаш кога ја правам ја асоцирам со Везилка од Блаже Конески! Обично и си ја рецитирам дури ја тегнам простата и проѕирна кора на бел чаршав. Денес прв пат ја правев пред публика и имав трема, везилка не ја рецитирав ама ја вртев низ глава.

За виткана пита треба да имате желба да направите нешто за кое што сите велат дека е многу тешко и дека треба да си мајстор за истото. Ако не пробаш и не згрешиш 3-4 пати никогаш нема да стигнеш до тоа да си мајстор.
Јас сум чирак, уште не сум мајстор ама не се откажувам, вежбам (шуќур има кој да ми ја јаде вежбанката без разлика како е напишана).

 

 

За вртена пита од ви треба:

500 гр Брашно бело тип (јас имам 500) – Просеано

300-350 мл млака вода

3 стебленца праз

250 гр сирње овчо

50-60 грама ореви  (потпечени)

20-30 мл масло

10-15 гр Путер

Се замесува средно меко тесто со брашно сол и вода (како ресата на ушето што ви е мека) треба убаво да се измеси и да се остави да одмори 10 мин. После 10 минути се дели на 4 дела и се прават топчиња.

Топчињата ги сукате со сукало до некој дијаметар од 10-15цм, и ги ставате во сад со масло. Ги ставате едно врз друго а меѓу нив мачкате масло. На последното топче му ставате масло одозгора и ги оставате да се капат во маслото најмалку 30 мин.

Додека се капе тестото го правите филот:  Со вилушка го дробите сирењето, ситно го сецкате празот, и ги соединувате се додека желудникот не ги раздели. Последно ги додавате потпечените ореви кои што ги сецкате со нож или ги мелете на крупно во блендер.

На маса, широка рамна по вршина ставате чаршав и со цела самодоверба што ја поседувате почнувате да ја тегнете првата кора. На средина на чаршавот ставете го провото расукано парче. Се тегне од средина накај краевите, се тегне додека не добиете проѕирна кора. Има и слики во постот оти не знам да го опишам со збор.

Тоа што се капеше тестото во масло ја намалува веројатноста дека ќе се искине тестото за време на тегнење. И да се скине не е страшно. Не траба да му се плашите на тестото, само напред и тегнете. Големи се шансите дека ќе ја истегнете првата кора перфектно (почетничка среќа). На така истегната и проѕирна кора се става фил и почнува процесот на вртење. Вртите исто како планетата земја. Еднаш околу сопствената оска и еднаш околу сонцето. Ставете фил по должина на подолгата страна и со чаршавот почнете да ја вртите кората. 2 круга преку филот се доволни.

Сечеш, моташ во кургче и ставаш на сред тава за печење. Постапката ја повторуваш понатаму, а во садот за печење формираната кората ја моташ во продолжение на претходната и добиваш еден џиновски полжав. Питата треба да ја исполни целата тава. Ако имате мала тава како мене, тогаш продолжувате во друга тава.

Постапката се повторува додека не ги истегнете сите 4 дела. Ако имате помалку фил може да си доправите, а може и последната кора да ја филувате со шеќер, рендано јаболко и цимет или со тиква или со некаков џем(изборот е ваш). Спремната вртен

а кора се премачкува со путер и се става во загреана рерна на 220°Ц 15-20 минути, во зависност од карактерот на рерната и јакоста на греачите (секоја рерна е посебна политика).

Се вади од рерна, се остава малку да се олади („да си појди кај мајка му“, „да оди на нива“…) и потоа се сече и се јаде со јогурт, сок, ајран.

 

Совети:

Празот не го пражам оти не сакам пржено па после печено (тоа признавам само кај ајвар)

Сол во филот ставете ако сирењето не ви е солено или решите да го замените со урда.

 Единствена маана на вртената пита е тоа што секогаш е малку!