Новогодишна труп торта

Ова е торта – ролат која што е нај чоколадна на светов со примеси на лешник. Совршен е за празничната трпеза за нова година или за божиќ на пример.
Ролатот го направив вчера. Некако си фати некој ред и традиција да имам труп торта за нова година. Кога некој не е веќе меѓу нас, фали често, си разговараш во главата со него уште почесто, го носиш сегде со себе и му го обезбедуваш присуствтото на разни начини и облици. Јас ги оживувам рецептите од тетка ми и купувам една крема за раце што мириса како да е тука, до мене. Тортата е нејзина, ја спремаше од пред 30 и кусур години. Најубавите и најавтентичните трупчиња ги правеше. Со годови, со глуждови со сите нишани. Да ја види оваа мојава денешна торта ќе ми искоментира за мовот 100% или ќе земи ќе го тргни пола 🙂
Состојки
За тесто (пандишпан)
- 130 гр брашно
- 1 лажица какао (7-8гр)
- 1 лажичка прашок за печиво 5 гр
- ½ лажичка сол 2.5гр
- 6 јајца (оддвоени белки и жолчки, на собна температура)
- 200 гр шеќер на 2 места по 100гр
- Масло за јадење 30 мл може да е репка, сончоглед, кокос
- 1½ лажичка екстракт од ванила 7.5 гр или едно пакетче ванилин шеќер или 1 ванила вистинска
За фил
- 360 мл слатка павлака (ладна)
- 30 гр шеќер во прав
- 10 мл сируп од лешник
За чоколадната глазура – ганаш
- 170 g темно чоколадо, ситно сечкано
- 180 ml слатка павлака
Декорација
Мов
- 30гр брашно
- 5гр прашок за пециво
- 120гр шеќер
- 30гр мед
- Зелена боја за храна
Печурки
- Мачмалоу од Стокомак
- Тавче
Подготовка
1. Подготовка на тестото
Се загрева рерната на 170°C и се спрема Плех, тавче од рерна (приближно 35х40 cm) убаво обложен со хартија за печење (оставате малце да стрчи хартија од страна за да може да се занимавате после со ролатот) лесно премачкана со масло или путер или што и да имате за да може да не се залепи тестото на хартијата па да јадете после целулоза. Откако е спремна тавата, спремете си и една крпа кај што ќе го превртите тестото за да може да се замота. На крпата е фино да се посипи шеќер во прав или какао за да не ви се залепи тестото на крпата.
После подготовката за печење и ладење која што е навистина важна и треба да ја направите на почеток (искуството си го прави своето)
Во еден сад се мешаат брашното кое што мора да е просеано, какаото, прашокот за пециво.
Прво ги матите белките со солта и кога ќе почнат да се претвораат во лесна пења полека се додава половината од шеќерот. Белките ги матите се додека не ги добиете снеговите на Килиманџаро и да изгледаат како титов врв зимно време.
Ако имате рачен миксер, зафатете нов сад и почнете со жолчките. Ако имате статичен миксер, префрлете ги белките во друг сад и почнете со жолчките во садот од миксерот. Не мора да го миете, жолчките немаат проблем со белките. Белките имаат проблем со сé.
Матете ги жолчките со остатокот од шеќерот, маслото и ванилата додека смесата не стане светла и кремаста. Потоа треба да се соединат со брашното па на таа свилена, кафеава смеса, на три рати ќе ги внесете белките и полека, нежно ќе ги измешате. Или со рака или на најслабата брзина со миксерот. Идеата е да се соединат трите дела за да биде цела ама да не се разводнат белките и да не го изгубат својот воздушест ефект.
Смесата рамномерно распоредете ја во плехот и печете 12 до 13 минути, додека тестото не отскокнува на допир. Ќе има малку меурчиња одозгора, ич да не се секирате, така треба.
Важно е да не се препечи оти после ќе треба да виткате лим.
2. Ролување
Веднаш по печењето, превртете го тестото на кујнската крпа од претходниот чин. Внимателно извадете ја хартијата од дното и додека е уште топло тестото, завиткајте го во ролат. Оставете целосно да се излади.
3. Фил
Изматете ја слатката павлака со шеќерот во прав и сирупот од лешник додека не добиете цврст, но мазен крем. Многу е важно, павлаката слатка да е млечна, да не е растителна. Имате опција една кај нас а тоа е Олимпус ако го начекате со 35% масленост. Јас си се снабдувам со слатка павлака од по комшии (Србија и Бугарија) ја имаат во лидл, од 500мл 36% масленост.
Моја препорака е да ја матите павлаката рачно, со жица за матење оти со миксер многу лесно можи да ја прематите и да кинисате кон правење путер. (имам едно пајнче благ путер со мирис на лешник) Ако веќе не може да набавите млечна павлака, 2 шлаг пена пакетчиња од Витаминка, со убаво полномасно млеко ќе завршат работа.
Одвиткајте го изладеното тесто, сега веќе си ја знае формата и нема да се расправа многу. Премачкајте рамномерно со кремот и повторно внимателно завиткајте, така завиткано, одма оди во фрижидер. Филуваниот ролат може да остани во фрижидер преку ноќ ама под услов да го завиткате во најлон фолија или да го ставите во кутија со капак, за да не замириса на пиперки или генерално на фрижидер. ( трауми од детството, да јадеш торта ама одмрзната ко ќе одиш на гости што мириса на пиперки печени, оти биле цимери во сандукот за длабоко и нормално да ја изрезилиш мајка ти така што гласно ќе кажиш дека не е убава тортата оти мириса на фрижидер или пиперки како Радмила моја, па после да пропаѓаат сите в земја од срам. Мајка ти оти си дрвце а домаќинката од незгодно за тортата.)
4. Ганаш глазура
За ганаш може да користите 20% млечна павлака моја кравица, одлична е. Загрејте ја павлаката до точка на вриење ама да не врие. Кога ќе почни да игра по страните од тенџерето, тргнете ја од оган и дирек во неа ставете го чоколадото. Оставете 2–3 минути, па мешајте додека не добиете мазна ганаш смеса. Оставете кратко да се згусне. Ако мислите дека не доволно густа смесата, додадете 1 лажица какао. Со додавање какао, се добива погуста смеса ама се губи малце сјајот, ќе имате малце мат ганаш што во случајов не е страшно.
5. Декорација
Декорацијата е опционална, јас вчера се заиграв тро поќе и затоа денес ме боли кичмата.
Мов се прави за 5 минути
Јајцето што мора да е на собна температура, изматете го во пена заедно со шеќерот, кога ќе е бледо и убаво изматено, додајте го медот и бојата. Убаво продолжете со матење. Додајте го просеаното брашно и пецивото во смесата и така убаво соединети може да ги распоредите во 3 пластични чаши. Секоја чаша треба да е полна со смеса не повеќе од 1/3 за да има место за растење.
Чашите во микро на 50 секунди до 1 минута и ќе добиете Мов како вистинска. Па уште и бојата ако ја погодите да не е ачик зелена како мојата, охоо.
Печурки
На тавчето за палачинки, добро загреано, ставате парче по парче од мачмалоу и го притискате додека на почни да се шири и да добива форма на печурка. Имате можност да го фарбате после одозгора или да направите печурки од фондан.
Склопување
Во зависност од желбата за должина на трупчето, може да ги исечете краевите од ролатот, под 90 или 45 степени па исечените делови да ги ставите странично како пресечени гранки.
Кога ќе ги аранжирате деловите премачкувате сé со ганаш, да не се познаваат спојките и сите проблеми што сте ги имале за време на виткањето. Текстурата на кора од дрво може да ја направите со мала шпатула или со виљушка.
Совет
Ролатот може да се подготви еден ден однапред и да се чува во фрижидер, добро покриен. Вкусовите уште повеќе се заокружуваат до следниот ден.
Тестото за ролатот треба да е меко и сочно за да може да се витка, да не е суво оти ќе се крши и после ќе плачите на виткање.
Клучно е да користите убаво какао и убаво чоколадо. Чоколадото да е со поголем % , да не е млечно.
Сите состојки, освен слатката павлака треба да се на собна температура (јајцата особено)
Брашното треба да е просеано обавезно.

