Пита со јаболка и јатки за залаци слатки

Пита со јаболка и јатки за залаци слатки
Spread the love

 Од сите овошја што ги имаме, јаболкото е некако најпотценето. Го шуткаме и забаталуваме настрана, демек, еее јаболко, чудо големо, не е ананас или папаја или манго.

Ама јаболко е сериозна институција, од орудие за протерување на Ева и Адам од рајот преку адети врзани со мажење и жененење до труење по приказни. Снежана со јаболкото се зезна што го касна ама си има витамини пустото па дури рикаа џуџињата околу неа, таа беше лепотица, ептен и ја опраи кожата, блскаше  😉

Супер овошје е, демек по едно во денот да јадеш и нема потреба да одиш на доктор, тоа не се важи! Јадете јаболка ама и одете на доктор, на систематски барем еднаш во годината ако имате над 35години.

Како такво, јаболкото со сите негови видови и подвидови од златни делишеси преку јонатан и муцо си има свои разлики. специфики, мириси, благост, сочност ама една карактеристика за сите видови е збирна- прекрасно одат со цимет и ореви.

Тоа е комбинација што не може да ја утнеш. Јаболко и цимет = Дома, топло, удобно, зима, меко, мирскојни миризливи, зимска рекреативна програма.

Јаболка користам и во благо и во солено. Како оди со пржени кременадли или во зелка манџа, фантастично! Исто така оди со мед, јатки, во торти, штрудли, пити, пудинг. Пире од јаболко е институција!

Пита од јаболка и штрудла ми се некако блиски ама далечни братучеди што не се гледаат многу ама имаат слични размисли и поглед на животот, само што живеат во различни средини. Јаболкото во штрудлата живее во заедница со цимет во стан во долга и тесна зграда а во питата живее во заедница со циметот ама во дворче со дрвена ограда и имаат шупа за ореви, лешници и тн….

Штрудлата со готови кори сум ја правела често и на различни начини, со пита со јаболка се занимавам од скоро, секогаш ми било шубе со тестото за пита, да не го утнам. Не сакам да мириса на фрижидер, не сакам да се лепи на заби и да остава онаков брашнест вкус или кога ќе се излади да е маргаринесто и да се лепи на заби или да им паѓаат вилиците на бабовци и дедовци. Не сакам ни да е водено и глекаво, сакам да е ровко, мирзливо и путересто.

Го квачев рецептот за тесто за питава многу време! Читав разни рецепти, па го прочитав Градинарот па сега ја читам Мина, ама и рецептов го натокмив.

Состојки за тесто:

  • Бело брашно 330 грама
  • Путер – 220грама
  • Вода – 6 лажички
  • Сол- ½ лажичка
  • Шеќер – 1 лажичка
  • Жолчка за премачкување

Состојки за фил:

  • 5-6 јаболка – мешана сорта, иста сорта, што ви се наоѓа дома
  • 150 гр јатки – Јас ставив мешавина од јатки што ги имав (орев, бадем, лешник)
  • Зачини одокативно и по желба. Мој предлог за комбинација на зачини: кардамон, цимет, каранфилче, морско оревче, рендана кора од портокал и ванила. Исто така оди добро и комбинација на некој зимски чај. ( Подолу има 60мл вода, може 60мл некој зимска бајка чај, одлично ќе оди)
  • 100 гр путер
  • 45 гр брашно
  • 125 гр шеќер (измешав пола/пола – кафеав шеќер со мед) Може и така а може и само мед
  • 60 мл вода

Постапка:

За тестото да е ровко и пуфкасто, путерот мора да е ладен, водата исто така.

Имате опција тестото да го спремите рачно или со сецко за храна. И во двата случаи, најважен момент е водата и путерот да се ладни. Тестот што ќе го добиете на крај не треба да е тесто, треба да се трошки или топченца од измешан путер со брашно и водичка.

Значи, брашното просеано го ставате или во голем сад или во сецко, изборот е ваш. Додавате шеќерот и солта и ги соединувате. Рачно, со мешање со рака, ако е со сецко, еднаш да направи брм брм е доволно.

Путерот! Исечете го на ситни коцки! Ако ви е дома топло (сигурно ви е, надвор е кочан ладно а плус е зима) после сецкање вратете го на 10 минути во замрзнувач да се стегни. Сериозно е важно да е ладен путерот.

Додадете го во брашното и доколку работите со рака, земете виљушка и соединете го путерот со брашното. Треба да добиете мали точпченца путер со брашно. Ако работите со сецко, неколку отсечни импулси требаат за да се соедини. Не го оставајте сецкото да врти цело време. Значи, принцип пали гаси! Брм, брм, брм и ќе се соедини.

На оваа песоклива структура ќе ја додадете водата, распоредете рамномерно, не на едно место и продолжете со процедурите погоре објаснети, дури не добиете трошки и топчиња.

Смеасата се истура на работна маса и нека не ве плаши што е како песок. Соберете ја со раце и направете 2 идентични купчиња, притиснете ги да се соединат (не да месите) и такви полу соединети, завиткајте ги во најолнска фолија и праќајте ги на заслужен одмор во фрижидер минимум 1 час.

Додека тестото е на зимски распуст во фрижидер, испечете ги и иситнете ги сите јатки што ги имате и ставте ги на страна.

Излупете ги јаболката и сецкајте на тенки ленти, ставете ги во сад со вода и малку лимон да не потемнат.

Во длабок сад на шпорет растопете го путерот и додадете го брашното, нека се соединат а потоа додадете ја водата и шеќерот. Цело време мешате со жица за матење, да не се направат грутки и да не се залепи смесата за садот.

Ќе добиете нешто како бешамел сос, тргнете го од оган и измешајте ги во него јаболката, јатките и додадете зачините.

Сосот за полнење е готов, заврши и распустот на тестото!

Рерната на 220 да се загрева.

Набрашнете ја работната маса, набрашнете го сукалото, рацете, ако сте како мене трапчовци ќе ја набрашните и пола кујна со четврт трпезарија, мачката и инкасаторот.

Тестото го работите, едно по едно! Првото парче го вадите од фрижидер, одмотувате и пробајте да направите накаква топка. Треба да го исукате во круг колку што ви е голем садод за печење, за оваа количина на тесто нешто до дијаметар 22цм ќе ви е доволно. Јас си печам во керамичко тавче. Тестото треба да е дебело 7-8мм, смотајте го на сукалото и така префрлете го во садот за питата. Убаво поставете, да нема џебови за воздух. Тестото треба да ја следи формата на садот. Ако имате вишок од страните не е страшно, ќе ја затворите питата со него.

Истурете ја смесата од јаболка и јатки и убаво распоредете по цела површина.

Второто тесто го вадите од фрижидер, иста процедура со набрашнување како за првото.

Ова е капакот за питата. Имате опции, да го исукате во круг колку што е дијаметорот на садот и да ја преклопите питата, да го исечите на тенки долги линии и да ги наредите одозгора во плетка каква сакате. Имате опција да го исукате и да го исечите во некакви форми и пак да го ставите над смесата одозгора. Значи, затворањето на питата е опционално, како сакате, така!

Јас ја исеков на ленит и ја сплетив по оринципот на едно над, едно под. Плетка како дрвена кошница. На фотографиите има 2 -3 плетки, видете, одберете сами.

Залепете ги краевите на долното тесто со горното, вишокот исечете го и ставете кај што има помалку. По работ на садот треба да формирате прстен од тесто кој што ќе го обликувате по принципот, штипни ме. Го штипкате палецот од едната рака со палецот и показалецот од другата преку тестото. Треба да добиете мали лелеави крајчиња, слично како кај пица.

Така убаво затворена, питата ја премачкувате одозгора со жолчка од јајце, растворена со малку вода и ја ставате во загреаната рерна.

На 220 печете 15 минути, потоа намалете ја рерната на 180 и печете уште 40тина минути.

Е сега, куќата ќе мириса мискојни од питата! Ама пазете, жешка е, ќе се испопарите ако сакате одма да пробате! Ова е од лично искуство оти јас сум од лаком дол и се испопарив.

Бидете трпеливи, нека се излади! Сечете, сервирајте или не сервирајте и јадете! Првото парче е само прописно исечено кај нас, после тоа се јаде од централа. Наздравје!



Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *