Денес омлет оти за друго немаше начин 😊

Ко ќе се добериш до стара, одлежана кавадаречка ракија а еден од омилените луѓе на светов има себап и почнуваш со  наздравје, наздравје и така повеќе часа, нема ништо да те оправи другиот ден како омлет. За друго да зготвиш и не си нешто способен.

Омлет или пржено јајце е нешто што може да го направиш или да го расипиш на многу начини.

Основа на уткањето се неколку работи:

  1. Јајцата од фрижидер дирек во тава не! Топло-ладно нема. Ќе ги извадите на собна температура едно 2 часа пред да го спремате омлетот или ставете ги во жешка вода 15 минути да се опуштат.

  1. Омлетот од тавче на ладна пајнца- Ќе се истуши како балон по нова година. – Стоплете ја пајнцата. Топло на топло, омлетот ќе е воздушест.

  2. Јајцата за омлет се маткаат со виљушка. Не треба да се изматкани како за пандишпан. Треба да се убаво измешани, да не се познаваат белки, ама не да се маткани со маталка или мискер.

  3. Се пржат на средно јак оган, не на температура на топење на железо! Се пржат на путер или свинска маст.

Убаво е да набавите јајца од слободни кокошки, има неспоредлива разлика во вкусот со купечките јајца од фарми.

Имавме ние обид за чување кокошка. Петра и Бобан ни ја донесоа поклон кога се преселивме на село. Мало, црно пиле- се викаше „Пилешко“! Со Ангел беа неразделни. Имаше и кокошарник со двор за да го штити од Тоби! Испадна дека Тоби е птичар и имаше сериозни нагони да го остај на место „Пилешко“.

„Пилешко“ заврши неславно! Некоја поголема птица го собра од сопствениот двор а нас ни останаа само неколку пердуви, мрежа за кокошки и кокошарник со капацитет за 2 кокошки и 1 петел. Ќе си купам нови коковчиња, да трчаат низ двор и да несат јајца кај комшиите 😊

Да се вратиме на омлетов!

Демек на диета сум и ајде да го пробам омлетов, едем залак. Ја изедов цела порција! Си офкав си јадев, си уживав во вкусот и заклучив дека ќе ослабам и ќе се откажам од јадење ко ќе роди врба грозје. Ама вежбам 😉

За овој омлет од сликава, ви треба:

3 јајца
½ зелена пиперка
Праз
Младо кромидче
Сув вргањ
Ротквица
Тавче што не лепи
Парче путер
3 лажички вода
Сол

Значи! Јајцата се на собна температура!

Ги скршив во подлабок сад, ги изматкав прописно, додаов 3 лажички вода. На 1 јајце, 1 вода.

На шпорет го ставив тавчето со парче путер да се згрее. Путерот треба да почни да врие ама не и да загори. Постепено нека се загрева тавчето, не треба да е на висока температура.

На матените јајца им додаов прстофат крупна сол, праз по одокативна мерка и сув вргањ, ситно сецкан оставен 10 минути во масло.

Мешавината ја турив во тавчето и се бркавме. Пред да ја ставам мешавината да се зготви, врз тавчето ја ставам пајнцата во која што ќе го сервирам омлетот, да се стопли.

Топлата пајнца ја ставам во близина, омлетот е в тавче, се бркаме лево десно, убаво да се распореди на сите страни. Не траба цел да се преврти од двете страни и да се препечи, треба да се остави да се зготват јајцата постепено. Она „лигавото“ одозгора што многу луѓе го мразат, е тоа! Тоа треба да премине во мека, воздушеста структура. Ако имате бајаги вишок одозгора, вртете со тавчето да се распореди на сите страни.

Може да го свиткате на пола и така да го излизгате до пајнцата за сервирање или да го здиплите на три пати. Францускиот омлет е со диплење па со желби за добро здравје и долг живот 😊 многу комплицирано некако изгледа ама и вака самоделско-аматерско диплење ќе заврши работа.

Одозгора пропрскав со свежа пиперка, младо кромидче и ротквица.

Го изедов на 5 залаци, мљацкав и мумлав оти беше превкусно.Тестерот го изеде омлетот и задоволно си легна да дремни. Капак на сé, имав тазе испечен леб и домашен јогурт.

Наздравје!

 

 

 

Конечно го склопив менито достапно за нарачка доколку нешто ви фати око. Ако ве интересира, пратете ми ваш маил на инстаграм во порака или испратете ми маил на 13.maja@gmail.com ќе ви пратам назад мени!

Сандра! Фала за дизајнот на менито! На остатокот добри луѓе им благодарам за довербата што ми ја дадоа и нарачаа од мене храна.

Имајте убав ден Недела и плус фантастична работна недела!