Времево денеска е: се спремаме за 29ти ноември и ќе го колиме прасето. Како што тргнало, бадемите ќе ми цвеатаат во мај. Почитувани соземјани! Времето за берење зрели домати од бавча се поместува од Јули за Август.

Овој дождов е убава работа, нека врни оти нема да имаме вода за пиење во Август. Само што од пусто наше чадење и копање и градење, место во Ноември и Октомври, врни снег во Април.

Катастрофа сме како вид. Многу себични, многу алчни и многу бахато се однесуваме кон својот дом. Еве вака замислете, оти не палите оган сред дневна бе другарчиња? Е па ова што голбално го правиме како човештво е исто како да си запалил оган сред дневна во облакодер со 1000 стана. Сите ќе одат јабана оти некој на 27ми спрат запалил оган сред дневна.

Ми се ближи роденденот, 40ти Јубилеен! Каква е состојбава со пандемииве ќе си го прославам во кругот на семејството а мислев да приредам една журка во двор ☹

Традиционално сме кај чудните букви, денес на ред е буквата Ч. Ч- ЧУДО! Така беше на бушава азбука! Кај мене е Ч- Чорба – три бои. Не се трите бои како на Кшиштов Кишловски, овие се башка ама се трилогија и можат да стојат самостојно а може да се и заедно. Можеше да е чомлек на Ч ама немав време денес, копав в бавча. Живот на село не е само сликање слики за инстаграм. Се состои од доста копање, полевање, садење, бркање со кучињата, борење со ветер, инсекти, вошки на трендафилите и што уште не.

Рецептот е моја оригинална измислица, склопен во далечната 2017 година.

Едно време бев навлечена на чорба од тиква, душата и ја вадев и пробав да ја модифицирам и дополнувам или да ја упропастам. Пробајте по дома па кажете дали ви се допаѓа рецептот.

Ова е чорба што ја јаде и сестра ми! Од досегашното пишување сигурно свативте дека бате е џимрија и многу малку работи јаде.

Е па ова е една од тие што ги јаде! Да се чудиш.

Денес денов година! Се скапавме работење во двор! Копавме, садевме трева, садевме разни зеленчуци. БаФчата е спремна а богами и расадот. Јас доцнам со расад ама времво беше тиња, не е страшно, ќе ги стигнам другите, ако подоцна почнав.

Обратно пропорционално со изгледот на бавчата е изгледот на тие што ја правеа. Не можам ни да се наведнам ни да се исправам, сé ме боли. Ме болат делови на телово што не сум знаела дека ги имам. Од малото прсте на ракава до малото прсте на ногава, сé ме боли, косава ме боли! Дури го куцам текстов ме болат прстиве па мислам дека ќе имам поголем број на букви голтнато од стандардното пишување.

Катастрофа невидена е мојава некондиција. Арно што беше облачно времето инаку и сонце ќе ме испржеше, па ќе бев комплет неупотреблива наредните неколку дена.
Сега, да го објавам текстов и ќе се фрлам во када полна блокмакс да здивнам троа.

Викендов беше лудница, исполнет со многу работа, убава храна и уште поубави луѓе. Да не беа Јаца и Вено 14 недели ќе го праевме ова што успеавме со нив за еден ден! Збор што ќе го обележи викендов: МУЛЧ! Кој беше тука, знае.

Е сега, математиката на подготовка на чорбата е едноствна ама зафаќа многу тави и тенџериња ????

1 тиква (портокалова)

2-3 круши

1 јаболко

1 пакетче грашок

Кромид

Путер

Слатка павлака

Сол, бибер, вегета, нане, масло

1/3! Тиквата се вари исечена на ситни парчиња. Ако не ве бива за борба со тиквата викнете некој посилен да ја исечи оти знае да е тврда и инаетлива како Буви наша кога ја викаш да дојди и да не ги брка точаците по село.

Ја варите во вода доволно да ги покрие парчињата тиква, не повеќе. Значи, да не ја давите во вода.

Откако ќе се свари, ја оставате на страна сосе водата и му се вртите на кромидот, го сецкате на ситно со помош на техниката ред солзи, ред мрсоли и го запржувате на масло во доволно длабока тава или тенџере за да може да ја собери и тиквата.

Како што омекнува кромидот и фаќа боја, почнувате да додавате со кутлача дел по дел од тиквата и така додека не ја додадете целата тиква. Нека крчка со кромидот 20тина минути. Пред крај додавате сол, црн бибер, троа вегета. Може да додадете и коцка зеленчукова супа во самото варење а може и да не додадете.

Тиквата како таква, треба да се испасира или со стапчест блендер (стално сум сакала да го речам ова ???? Стапчест блендер) или во соковник или во блендер или со виљушка или ако сакате и со бормашина. Треба да се испасира, тоа е важното. Ќе добиете убава и портокалова топла и убава чорбица и со тоа сте завршиле 1/3 од рецептот.

2/3! Крушите и јаболкото ги миете, лупите, вадите тоа семките од средина, ги сецкате на парчиња и ги запржувате на путер. Пржена круша ми е еден од поубавите вкусови во животот.

Така испржените круши и јаболко ќе ги соедините со 100мл слатка павкала (потрудете се да е од крава, да не е од некакви чудни растителни суровини) и ќе оставите да крчкаат 10 минути. Истата постапка како за тиквата, ќе ја испасирате со стапчест блендер и 2/3 од рецептот ви е готов.

3/3! Грашакот се вари во вода со убаво парче путер, малку нане и пред да се досвари се додава сол, бибер. Ќе му ја исцедите 80 % од водата во која што се варел а остатокот ќе го искористите да добиете убав и густ крем од грашак со помош наааа! Стапчест блендер.

3/3 од рецептот се готови.

Сега ги имате сите 3 дела за да биде цела Чорбицата.

Во чинија ги турате по редослед:

Тиква

Грашок

Круша

Декорирате со печени семки од тиква, сончоглед, јатки, врвци од чевли, парчиња целер, мали кромидчиња, карамелизиран морков, луто пиперче или што ви душа сака.

Финтаџиска е на око ама и за сркање е фантастична! Многу убаво се мешаат вкусовите и баш е фина за јадење.

Јас обожавам чорбицава ако е гараметна за спремање и ако треба пола тенџериња да ги завалкам, за мене вреди!

Пробајте па кажете како беше.

Наздравје!