Како ми се наредија букви незгодни, да ти се плачи! Малку беше У, па после дојде Ф па Х, следна е Ц и до Ш сите се како на калдрама со табла јајца да се возиш.  Ќе преживеам! Ене ја каде е Ш.

Со Х сме на благ „хендшејк“ и лесно климање со главата, се почитуваме ама не сме нешто блиски. Слично како со Ф и фалафелот, за оваа буква е предодренен хумусот како рецепт. Хумус да, ама со наут не ????

Имам јас една манџа што ја имам крстено хумус оти тоа калта што се прави долу во тавата е како хумус.  Ем хранливо, ем густо, ем вкусно.

За време на подготовка на рецептот имаше хистерично смеење проследено со спорадични рафали на тресење глупости од моја страна, дека денот ми беше партал. Обично, кога сум љута или нервозна, тресам глупости, сама си правам муабет или со билките околу мене, а во последно време со Убавка- мачето со 3 нозе и љубов за 2 света! За мене и Ангел!

Не знам како не ми текна дека манџава се спрема долго и дека нема да имам време да ја објавам во Недела, не дека прв пат ја готвам, ама таков ми беше хороскопот. Ај што не стигнав да турам вие да читате, ама дека ручавме во 21. Арно што беше вкусна па ми се прости доцнењето.

Нервозна бев уште на будење, онакво нервозно дека така му се сака, без повод, без причина, чиста нервоза од ништо. Стигнав до фазата да го јадам Ангел жив и да ми смета оти диши, оти така оди, оти така седи ама после ми помина малку т.е. почнувам да сум свесна дека сум нервозна за џабе и да се контролирам. Џинџер балансов мој си станал, собрал садови, измил, ги наредил, ставил на место, спастрил, направил кафе а јас, ламја бев. Па не е фер да го сокапеш човекот за џабе. Ама и да ја испрезентирав лепезата на мојата нервоза ќе ми речеше само “and a cookie” ме знае, не може да го изненадам веќе ????

Во една таква општа состојба се појави мадам Буви, со чудни гримаси и чудно однесување. И солзеа очите и кашлаше. До сега не сум видела куче да кашла. Мислев дека има мака со стомакот, класика, ми помина низ глава моментот да не ја отрул некој, фаќање за телефон одма кај доктореса. Разјаснивме, бувка е настината и треба да оди на лекар, уредно сосе книшка. Не беше доволно ова со буви, утврдивме дека имаме нов посетител во двор, т.е 2 нови лица.  Обично чуваме затворена порта да не излегуваат лепотаниве наши надвор и да ги вадат од памет велосипедистите и рекреативците – 3 кучиња заедно се беља работа.  Имаме мака со нивната дисциплина. Редовно си наоѓаа дупки во оградата и бегаат од дома ????. Им ги затворивме сите дупки па решија да се прекачуваат преку ограда па ние решивме да ѕидаме ѕид па да видиме кој ќе попушти прв. Ние со живците или кучињата со непослушноста. Е сега, додека да се изгради ѕидот, еден дел од дворот е целосно отворен па може да си прават влези-излези!

На таа влези -излези варијанта дојдоа 2 нови кучиња кои што уште се кај нас во двор.

Првин мислевме дека се пуштени од по комшии да се дружат со нашиве ама после свативме дека друга е математиката.

Кучињата се донесени и оставени од своите сопственици. Едното е мешавина од хаски со нешто а другото е пензионер ловџиско куче кое што не му било потребно веќе на газдата па го фрлил среде нигде. Се надевам дека и двете единки на хомосапиенс кои што го направија ова ќе умрат во страшни маки и агонија.

Ловџијава не бил јаден со денови, ребрата му се броеја а не можам да ви опишам каков тажен поглед има. Ми се плачи ко ќе го видам.

Ние не све веќе ни во состојба да прибираме нови дечки, и овие што ги имаме ни се многу. Една рака животни имаме, па незгодно ми е веќе да и ѕвонам на ветеринарката. Срам ми е од продавачката во милениче- мислам дека се сомнева оти ние сме навлечени на конзерви за кучиња и дека ние ги таманиме.

Ако сака некој ловџија пензионер или симпатично хаски со смешни очи нека каже, ќе му го однесам и до крај на светов.  

Да не ја отворам устава за јавното претпријатие за миленици, може да се прекрстат од „Лајка“ во „Не е наша надлежност“ поќе ќе им личи името.

Да се вратиме на поентата! Ете во вакви нервозни и хормонално неизбалансирани моменти почнав да го спремам јадењето на Х –  Хумус за мешето подготвен од Хормонално дизбалансирана госпожа.

Манџата е закон, многу е вкусна и многу отмено изгледа.  

Ќе ви треба:

Јунешко бутче – 600гр

Сланина  – 100 гр

Свежи печурки- колку повеќе видови, толку поубаво – околу 300гр

Морков – 2 големи

Праз- 1

Кромид – побарајте ситни кромидчиња – 7-8 парчиња

Кромид млад- 1

Лук млад -1

Магдонос

Пиперка 2 – Може едната да е лута  

Масло

Говедска коцка

Доматно пире – 100 гр

Бадеми – 1 шака

Сол, бибер, чадена пиперка,

Брашно – 2 лажици

Рубин вињак – 30мл

Црвено вино- 30мл

Жешка вода – 600мл

Ова е манџа во едно тенџере. Не мора да го зафатите и тенџерето за ајвар за да зготвите.

Во Тенџере што може да го ставите во рерна, ставете масло и путер и сланината сецкана на парчиња, големина колку сим картичка (обична, не микро)

Треба да се запржи сланината. Извадете ја од тенџерето и во истото масло додадете го јунешкото месо сечено на коцки по 2цм да се пржи. Треба да фати боја одозгора или во превод- 15 мин.

Откако ќе се запржи месото, се трга од рингла и се сели во загреана рерна ама претходно се посипува со брашното и му се додава сланинчето.

Во рерна 10 мин максимум, без капак.

После 10 минути се вади од рерна тенџерето,  се меша водата со доматното пире и коцката говедска и се налева во тенџерето.

Месото треба да е убаво покриено со течноста.

Го враќате во рерна со покриен капак и го оставате на 220 околу 2-3 часа. Фрлете око чат пат до кај е и дали има вода.

После 3 часа крчање и клокотење, треба да ги додадете сите останати зарзавати и да го полиете со вињак и вино и да го вратите назад в рерна на уште 1 час од прилика. Сите додатоци се исецкани на парчиња освен кромидчињата мали (ако најдете такви)

Манџата треба да е готова, ако имате уште многу течност во тенџерето, вратете го назад во рерна на уште некое време од кое што последните 10 мин без капак.

Месото треба да се распаѓа од мекост и да се спремите со доволни количини на леб или компири за да се поднеси манџава.

Решив да ја јадеме со салата само ама одличен прилог на ова се компири или тестенини.

На дното на тенџерето живеат тие убавите работи за мацкање и оближување уста.

Јас не можев да престанам да јадам.

Како хумусот за почвата така манџава за мешето. Хранлива и вкусна.

Наздравје!