Роденденски торти секогаш ми биле многу врева околку ништо. Детските роденденски торти се ред лиги ред восок од свеќи 200 пати дувани од разни деца.

Сакам торти, благо си сакам, ама не онакви благи да те чешаат ушите од благо и ги избегнувам оние што имаат по коцка маргарин внатре, па ќе начекаш некое парче па ќе плачиш од грдо.

Во Прилеп имаше едни слаткарница Инзап се викаа, мислам дека таму живееа најгрдите торти на светов.

Еволуцијата на тортите кај нас се движи во декорацијата повеќе, во вкус, средно жалосно.

Хит на денот! Торта со чаршав од фондан! Тежи, не се поткрева.  Како со јорган и јамболија да си се покрил кај баба на село.

Фонданот е многу фин за декорирање ама во нормални количини. Торта тешка 5кг носев в скут в кола од Битола за Кавадарци. Не можев да одам 20 минути дури ми се пуштија нозете од тежината.

Тортите за родеден или за крштевка, за тазе дете родено знаат да се малку и морбидни. Да сме реални! Зошто торта во форма на бебе? Па сечеш, па јадeш.

Кога сме кај морбидниве работи. Шо прајме со постапалкиве? Тие колачите што се прават за деца кога ќе проодат.

Да јадеш колаче во форма на детско стапало? Добро, вие си знаете.

Моите не правеа кога проодев, мислам дека арно одам и без постапалки.

Ни на сон не ми се случило да правам торта, а уште помалку да ја декорирам. Дома сум општо позната како Маја 2 леви раце и декорирање или склопување торта слабо ми оди. Ќе ја сматкам, не знам да ја наредам. Тоа ми беше изговорот долго време се додека не ми го кажа Буце вицот, дека сака да и правам торта за роденден за С.

Се нафатив и имав еден месец скоро да се предомислам или да ја изматкам дека нема да може, во гужва сум, шлепери на граница, едно друго….

Тргна приказната со тортата и дојде денот. Толку трема имав само кога му кажував на Ангел дека ми е симпатија( под перница бев пикната, а на телефон му кажував)

Тортата С е прва што сум ја направила за некој надвор од семејството, додуша Буце како дел од семејство ја сметам ама ете, ако броиме.

Таа торта ќе има башка рецепт, оваа е друга торта што ја правев за роденденот од Ида, мала пажња и изненадување.

После тортата за Буце, си кажа Ида дека сака торта да и направам за роденден, јас се праев на тошо и денес и ја однесоа дома, тарааам.

Торатата специфично изгледа дека е декорирана со кандирано-боени круши.

Се работи за чоколадна торта со впечатлив мус, матиран како мат пудра и пире од овошје.

Ќе звучи смешно ама тортава е од здравите, нема бел шеќер.

За торта со дијаметар од 22цм ќе ви биде потребно следното:

Бело брашно – 260гр

Кафеав шеќер мускадо ама светол – 170 гр

Мед – 70 гр

Какао- 100гр

Пециво – 7гр

Сода бикарбона – 3гр

Сол – ½ лажичка

Еспресо или инстант кафе: 2 лажички

Кисела павлака 250мл

Масло за јадење – 125мл

Јајца – 2 големи или 3 мали

Жешка вода 250мл

Ванила 1 пакетче или 2 лажички екстракт

Пире од овошје или шеќерен сируп или сок од слатко или мармалад

 

За Мус:

350мл слатка павлака за матење – хопла или шлаг крем

250 гр чоколадо – што потемно, тоа подобро ( ова е рецепт со 80% чоколадо)

60гр Путер

5гр желатин

1 лажица ванила екстракт

Постапка:

Рерната е згреана на 180°Ц а Водата врие, ја тргате од оган и ги ставате какаото и кафето да расцветаат внатре и оставете ги така неколку минути, кујната ќе мириса прекрасно.

Во еден сад ги мешате брашно со шеќер, пециво, сода, сол и ванила ( ако е ванилин шеќер, ако е екстракт во водените состојки ќе го ставите)

Во друг сад со миксер ги мешате Масло, мед, јајца и кисела павлака. Откако ќе се соединат ги додавате кафето и какаото. Потоа следи брашното со сувите состојки. Миксерот работи на полека 2 или 3, не треба да се преплаши смесата, само да се соедини.

Смесата ќе ја истурите на 2 рати во округло тавче или по прилепски караванче. Мачкате путер па посипувате со какао. Цело тавче треба да е убаво премачкано и попрскано со какао за да не се лепи тестото и после печење лесно да се извади.

Ако имате голема рерна ставете ги двете теста заедно, ако сте како сите нас, едно по едно.

Печите околку 20 минути. Проверете со чечкалица дали е готово, ако не е, продолжете додека не добиете чиста чечкалица на боцкање во тестото.

После печење, тестото се лади и не се пипка, не се штипка, не се кубе! Се остава раат.

Додека тестото се лади, стопете ги на пареа путерот и чоколадото.

Шлаг кремот или хопла или каков и да е крем за матење што сте го купиле, поделете го, 50 мл на едно место а остатокот оди под миксер и се мати на најголема брзина.

Во тие 50мл палвака удавете го желатинот и оставете го така 5-6 минути.  Почнете полека полека да го затоплувате желатинот  со тоа што ќе го потопувате садот во жешка вода.

Откако желатинот ќе се стопли и стопи го додавате во стопеното чоколадо и мешате. Смесата желатин и чоколадо се додава на веќе изматениот крем и се соединува полека со лажица ( силиконска или дрвена)

Кремот е готов, тестото исто така!

Шеќерен сируп се прави со додавање на 2 мери шеќер и 1 мера вода, се топат на тивок оган да не проврие и се остава да се излади. Може да се користи за што и да ви треба, во случајов на оваа торта е да се премачкаат тестатата. Остатокот, во чисто шише или тегла и во фрижидер.

Ако не ви фаќа око да правите сируп, можете да пројдете со слатко од нешто по дома.

Јас ставив и сируп и пире од круши и јаболка претходно спремено.

Ги составувате по принцип ѕид, цигла малтер и ја мачкате тортата.

Ако решите да ја составувате подоцна, мусот ќе ви се стврдни па ќе треба малку со жешка вода да го омекните.

После составување следи декорација.

Овој пат е со сушени круши во боја, за нив рецепт деновиве.

Наздравје