Планот за П беше Подварок или Падобранци, ама кога го видов снегов утрово само на Павлова ми одеше умов и на прекрасното белило на пуслицата од Павлова.

Дека сме на диета демек и дека ги чекам госпожите другарки да се искачат до село кај мене денес, не ја правам сега, ќе ви ја раскажам Павловата за роденденот од Ангел.

Значи, се работи за џиновска пуслица или целувка која има одозгора крем некаков и најчесто црвено овошје одозгора – Јагоди, малини и тн….

Вечната борба меѓу Нов Зеланд и Австралија- Паволова! Чив е рецептот? Од едните или од другите.

Рецепт како рецепт, со тек на време еволуира, се менува му се додаваат нови имиња, стари презимиња.

Торти базирани на Пуслица или целувка имало уште пред госпожата Павлова да се роди, ама јас одбивам да бидам дел од Павлова војната ????

Тортава, како ваква е креирана во чест на познатата балерина Ана Павлова која што била мега ѕвезда во 1920, нешто како Бијонсе денес.

Торатата е инспирирана од нејзината изведба на лебедовото езеро, а големата пуслица го симболизира тулот што го носи и формата на истиот за време на изведбата. еве ви и врска каде што може да ја видите госпожата и да видите од каде инспирација за торатата. https://www.youtube.com/watch?v=tkFSBkl9mmo&ab_channel=DarkDancer06

Е сега во тоа време како ги маткале белките до таа цврстина со маталка, алал да им е. Сега е лесно, туреш во миксеро и си бркаат работа.

Тортата е доста едноставна за правење, лесна за склопување и уште полесна за јадење. Не трпи стоење. Од Прво до последно парче не треба да поминат повеќе од 24 часа, инаку ќе се стопи.

Нема да имам денес километарски писанија дека сакам да одам да си поиграм надвор со снегот и со орјатите мои омилени.

Значи! Оваа варијација на Павлова е склопена да нема вишоци.

Вака оди математиката општа:

На 1 белка, 50 гр шеќер.  Оптимална доза се 6 белки ама тоа значи дека ќе ти останат 6 жолчки и после со нив треба да правиш нешто. Или Назлифатми или нешто друго.

Не сакам рецепти со вишоци, не ми се економични и ме фаќа нервоза како не мислеле дека треба сé да се искористи.

За да немам 6 жолчки вишок ми текна дека може да направам крем од лимон и да ги спојам. Секако тоа пуслицата е преблага па кога ќе ја пресечиш со лимонот, прекрасен е контрастот.

За мојава Павлова ви треба:

Pavlova_namirnici

6 Јајаца / Башка Тито Башка Јованка ( белки и жолчки поделени) на собна температура

Околу 400 грама шеќер

110 грама путер

4-5 лимони ( зависи од големината)

1 лажица балсамико оцет

1 лажица пченкарно брашно

Јагоди или што и да имате од овошје

Бадеми на ленти

Лешници  ако се наоѓаат по дома

За Пуслица Целуфка:

6 белки се ставаат во сад и се матат со миксер дури не постигнат мека пена. Потоа на тоа се додава шеќерот 300 грама, дел по дел и се мати се додека не се добие цврста смеса како за пуслици, целуфки правење. На таа структура се додава балсамико и брашното лажица и уште еден/два круга со миксерот за да ги соедини.

На Тава за печење свртена од обратна страна ставете хартија за печење ( залепете ја хартијата со дел од смесата да не мрда од тавата) и облежете некако круг во дијаметар од 16 цм во кој што ќе ја нанесете смесата. Ако цртате круг со молив, ставете ја хартијата обратно, да не ви прими павловата графит ????

Ја истурате смесата во кругот, малку мазните, малку кружите и добивате височка бела планина.

Оди во рерна загреана на 180°Ц. Во моментот кога ја ставате, намалувате температура на 150°Ц и така оставате околу час и 15/20 минути. (МНОГУ ВАЖНО! НЕ СЕ ОТВОРА ВРАТАТА ОД РЕРНАТА ДА СЕ ЅИРНИ ДО КАЈ Е ТОРТАТА) ќе ви се истуши и после ќе плачите.

Гасете рерна и оставете нека се излади внатре, без отворање.

Додека се печи белката, во сад што може да се стави на пареа се ставаат жолчките, шеќерот и  исцеден сок од лимон од прилика 150мл и рендана кора од 2 лимони ама само жолтото, не да му запните на лимонот со рендето па да фати и од белиот дел од кората па да горчи после.

Се мати со маталка и се става на пареа. Се меша додека не почне да се згуснува и да остава трага на маталката или пробајте ја финтата со лажица – Брцни лажица, извади и помини со прст. Ако се дели кремот како мојсеј што го поделил морето за евреите, таман е кремот да се тргни од бањата.

Во кремот се додава путерот исецкан на коцки и ладничок. Додавате полека полека и мешате доека не се соедини смесата. Покривате со фолија и оставате да се излади.

Пуслицата ќе испука – Тоа не треба да ве загрижува, нормално е.

Извадете ја од тавата, ставете на постоље за сервирање или како ви е мило, и на средина од џиновската пуслица ставајте од кремот од лимон. Тоа се треба да е ноншалантно и несмасно. Без потресување, без премазнување, несмасно се склопува оваа торта.

Одозгора над кремот одат јагодите па пропрскајте со бадемите и лешниците.

После тоа тората е готова и препорачувам јадење одма и јадење со голема лажица, оти е заразно и нема крај.

Наздравје и излезете малку надвор, фрлете се 2-3 пати во снегот, убаво е!