Кралица на десерти со шербет! Путер тантела лејди, така си ја викам. На турски портали за готвење ќе ја најдете како Nazlı Fatma (Yufkalı Şekerpare).

До 2017 абер немав дека постои. Случајно ја пробав на едно место, во една куќа, кај едни луѓе.

Каснуваш и сé се топи! И шербет и тесто и ти се топиш, единстено што не се топи во моментот е килажата што си ја носиш, ама за вакво нешто, ексик нека е и килажа и топење.

Од толку што сум возбудена што немав многу мака во правењето на лепотициве, умов ми застана и не знам два збора да напишам, се врткам и се трткам околу текстов 5 саати, никогаш порано не ми се случило да немам што да кажам. Ордан дрдалото ми беше прекар како мала ????

Дури се борам со буквиве се појави и Убавка (малата мачка) и инсистрираше да се погалиме, па ми купи малку време да помислам околу рецептов.

Инаку, убавка е маче со 3 нозе кое што по некаква случајност и  интересна судбина заврши во нашето весело семејство што во моментов брои 2 единки од видот Homo Sapiens, 3 единки од видот canis lupis familiaris (куче) и 2 единки од видот Felis Catus (Мачка)

Сите единки се заедно во кохабитација по сопствена воља, никој не е присилен на ништо и сите имаат еднакви права и слободи.

Готвење во куќа со толку многу различни карактери и инаети многу често знае да биде и предизвик оти не знаеш кој од која страна може да се појави и вешто да ти поткрадне дел од намирниците.

Буви лепотицата, многу сака путер и веројатноста да го снема од маса во нејзино присуство е огромна. Ќе те опули, ќе си го собери и штрафта низ врата. Тоа се случи и со ¼ печено пиле и ред други работи, ама за путер е доктор.

Од првиот каснат залак од ова вонвременско колаче до мојот прв обид да го направам истото, поминаа скоро 2 години. Не се осмелував да помислам да го направам а не пак нешто друго.

Првиот обид беше средно-жалосен! Беше во Јули, сред пекол и жештини! Ги изедовме сите од прва до последна ама некако ме истоштија. Арно си ми рече Бети, дупла доза да си направам, да не е маката за малку ????

Многу тежина се набива околу рецептов! Тежок е, комплицирано е, треба да имаш место, треба да е ладно, треба да гледаш некој како го работи првин, треба да ти се погодат јајцата, треба да најдиш убав путер, треба ова, треба она, треба да шеташ на полна месечина со волнени чорапи. Не можи да е потешко од решавање лимеси и косинуси.

Среќа, имам блиски луѓе во Тетово, ги обожавам сите од прв до последен, па така со еден муабет на месинџер, мајка и од другарка ми Марина ми раскажа нешто тетовско за рецептов:

Тие се специфични за правење, бараат посебна температура (дека се со путер), не се прават во месеци кај што нема Р во името, на пр. мај, јуни… демек во лето. Се прават од септември до април. Се носат по некој повод (свадба, бебе…), демек чеслио колаче. Да се покаже кумата, свекрвата и сл. колку е марифетна. Овде употребуваме “назлија” за некој накитен, нагизден што сака да се покаже.

На вакви рецепти ме фаќа инает и ко ќе му се спирам да ги напрам, само таму ми е умот. Исто беше и со тегнење кора.

Некогаш немам трпение и правам брзоплети грешки или работите ги правам паралелно со уште 300 други работи.

Еве конкретно за тантеливе, атмосферата беше следна: Во исто време почнав нив да ги правам и турив белките да се матат за Павлова торта, дојде ветеринарката со либето да ја прегледа бандата и да ручаме, Ангел пушти 4 машини за перење една по друга, Ирина дојде да си избрка работа што и требаше и во една таква хаотично интересна атмосфера ги правев лепојкиве и плус, капак на сé, држам диета!. Значи, лудница беше! Белки се матат, месо се шпикова и се полни со лук и моркови, жолчки пиштат за путер, се мислам дали имав доволно шеќер за шербетот, рерната да се загрее за Павловата треба, дали имав лимон се думам, пиво да не треба да се докупи. ???? Денот вчера, година ми се стори! Поубав одамна сум немала! Сакам весело и гужвесто! И мислам дека заради тоа лепотиците излегоа фантаситчни!

Не можам да се пожалам, сите манџи се погодија, се погоди и друшвото, прекрасна сабота.

Ако сакате да си имате слична сабота како мојата, еве што ви треба за назлифатмите:

5 жолчки од јајце – моите јајца се од добра земја, и не можам да се пожалам на свежината и квалитетот.

250 гр путер – ако можете домашен путер да најдите, одлично

1 лажица павлака

Нишесте (скроб) за посоп

Брашно – нема точна количина, одокативно и на осет на рака. Треба да е бело брашно и да е просеано, за количина ќе си одредите сами.

За шербет ви треба:

600 гр шеќер

400мл вода

3-4 кругчиња лимон

Постапка

Жолчките треба да се соединат со путерот- Мора да се сите на собна температура и фино да е омекнат путерот оти инаку и Надал да го викниш да ги соедини со левана рака, ќе му е тешко.

Треба да добиете убава кремаста текстура од жолчките и путерот, јас на пола соединување на жолчки и путер ја додадов павлаката па на крај им додавав брашно. Во други рецепти ќе видите дека павлаката се додава заедно со брашното, јас решив да пробам што ќе се случи ако изменам постапка и резултатот е фантастичен!

Значи, додавање на брашното оди на крај, полека полека. Замесувате тесто што треба да е меко ама убаво изработено и да не се лепи. Дека преовладува путер во тестото, лесно се работи заради телесната температура на  домаќинката, па колку повеќе го фаќаш со раце, толку повеќе путерот се растопува и омекнува.

Не треба да се претера!

Кога е добро спастрено тестото, се остава 10 мин во фрижидер, да си дојди на себе, да се собери малку путерот.

После 10 минути, тестото го вадите од фрижидер и го делите на топчиња.

 

Јас го поделив на 20 топчиња. За да ви е полесно, сите топчиња одат во фрижидер и ги вадите по 2. Дека ако ги оставите на собна температура а дека Јануар месец дома ви е топло, ќе омекнат и многу тешко ќе ги оди сукањето.

Подлогата на која што сукате треба да држи ладно и да е мазна! Јас си зачував една плочка од реновирањето на купатилото и неа си ја користам, сега е кујнска плочка!

За расукување на топчињата ви треба нишесте (скроб) не расукувате со брашно, никако.

Сукате тенка, тенка, ептен тенка кора во кружна форма и ја диплите како на видеото, оти нема шанса да ви го раскажам начинот на диплење со зборови. За да се раскажи треба компетентен доктор на науки по геометрија, а публиката исто така треба да има барем напредни познавања од областа на геометријата.




Значи, треба да направите оригами цвет од тесто! Фантастично искуство.

Ги ставате во тава, нема потреба да ја мачкате со ништо и кога ќе ја наполните, ги печите на

150°Ц додека не заруменат. Се печат 30 мин од прилика, во зависност од рерната и после ги оставате во исклучена рерна да си дојдат на себе.

Во меѓувреме го спремате шербетот, стандард! Шеќерот да се стопи во водата и да проврие! Се вари заедно со парчињата лимон. Може да додадете и ванила, тоа е по сопствено убедување.

Најдобро е шербетот и назлифатмите да се на иста температура кога ќе ги соедините или пак шербетот да е жежок а назлифатмите ладни.

Откако ќе ги потурите со шербет се случува многу интересна трансформација на бојата на лепотиците. Румено жолта прекрасна боја.

Готови се, спремни за јадење! Тетовци преферираат да и кркнат со боза од „Амфора“ јас тоа боза не пијам дека имам една слика во главата дека е правена од мелени бели црви (хорор приказни од детството) ам

а би препорачала да се консумираат со чајче или со лимонада.

 

Консумирајте одговорно и наздравје!