Ја завлеков Џ 2 дена плус дека денес е роденден на мојот еден и единствен Џинџер што ми прави баланс во животот, мојот господин „времето запира кога ме гушка“, Ангел.

Заради роденденов и тортата што ја спремам по повод истиот се помести буквата. Ништо немам толку мозгано во животов како тортава. Значи, со помалце мислење на село се преселив.

Од претходната среда ја квачам. Помина преобразби и претумбации еден куп. Од коцкаста преку овална до округла. Од Џин тесто со боровинки, преку чоколадо со портокал и вишна до ова денес.

Значи, во глава искомбинирав торти еден куп. А за декорација не можам да опишам што ми помина низ глата! Маана ми е што не знам да цртам па да си олеснам, вака само ги визуелизирам,  на крај топки! Од идеа до реализација е различно како Ресен и Рејкјавик!

Инаку, освен што му е роденден, денес се навршуваат 4 години од случајната наша средба во Балет во ниедно време. Го немав видено едно 15 години може. Мислев е иселен од државава.  Го познавам од 1996г. Од прво гледање ми е симпатија. Прво гледање! Сцена и опис: Извидници на езеро треска, мене ми е прво логорување. Прва ноќ! Во тоа ресторанчето ечи некоја народна музика и сите играат оро. На орово се фатило и се тегне лево -десно едно џинџерче со коса у раздељак те љубим до под уши и комплетно ги утка чекорите. На уши има вокмен и од авион се гледа дека е во сосем различен свет. Музиката од орото веза нема со музиката кај него. После ми исчезна па го видов  случајно на една друга собиранка извидничка. Како го сликав, како манијаче некое.На таа собиранка сме освоиле прво место и цела екипа да се слика со пехарот требаше. Сум ги местела да се сликаме ама така стручно, да може и тој да е во кадар. Нормално, тој си стоеше настрана и немаше абер дека е сликан. Фала на една Анита од Делчево, таа не сликаше.

После многу години го начекав во Балет сред славење на 40ти роденден. Фала Леши што ме натера да дојдам до балет таа вечер. Значи, како го видов така онемев. Не знаев да гугнам. Транзитен мозочен, класика. Колена ми се пресекоа, гласот на кино ми ојде не можем да речам здраво. Арно ме позна, па се изгушкавме прописно и како застанав до него така останав, не мрднав. Еве и ден денес 😊

Заради ова ја чував Џ! За тортата за него!

Околу тортава, вака да ви кажам! Никогаш нема да ја повторам истава 100%!  Ја искомплицирав за сите пари.  Значи, има 2 -3 фила, пандишпан и декорација оф мори мајко!

Да тргниме со ред оти има многу за мозгање и пишување!

  1. Пандишпан:

3 јајца

100 гр шеќер

100гр брашно

45мл млеко

30гр путер

3 гр Црн чај

Соединете ги јајцата со шеќерот изматете ги малку и ставете ги на пареа и мерете со термометар да стигнат со 40°. 39,4 ° би било идеално.

Такви стоплени, ги ставате под вештите маталки на миксерот и ги матите дур не се добие убава и густа смеса со убава светло жолта боја. Ако се јајцата од трчани кокошки или органски, бојата ќе е многу повесела.

На истата таа пареа го ставате млекото со путерот и додавате чајот и чекате да се стопи путерот па тргате на страна.

Додека се лади млекото, во смесата со јајца го додавате брашното и нежно, полека го мешате. Значи нежно, исто како да мачкаш некој изгорен од сонце со кисело млеко. Треба убаво да се соеднат брашното и јајцата, да нема грутки и скриени џебови со брашно.

Кога завршивте со првото нежно, треба 2-3 лажици од смесата да одат во млекото да се соединат убаво и да се врати целата смеса назад и да се соедини со нежно мешање пак. Значи за пандишпанот треба 2 водени пари, 2 нежни мешања 😊

Тавче, по желба. Јас имам округло – 16цм дијаметар го мачкам путер, ставам брашно одозгора, го вртам тоа тавчето после ко небаре злато барам и престанувам кога насекаде се има залепено брашно. Треба да изгледа како телевизор што фатил прашина дури сте биле на одмор.

Ставам смесата и ја ставам во загреана рерна на околу 170-180 степени некои 25-30 минути.

Проверувајте после 15та минута до кај е, да не се напрај гламна. Не знам како ви печат рерните.

Вадам од рерна, обавезно на средина е поктренато малку и од такт ме вади, ама дури е жешко го вртам тавчето со газерот нагоре, излегува пандишпанот и така го оставам да се лади па џумката ја снемува.

Оставате пандишпанот да се излади скроз, го заборавате. Јас го заборајв од сношти 😊 Планирав сношти да ја склопам ама сум заспала дури чекав да олади.

Фил 1! Швајцарски крем од белки.

Количината на крем зависи од потребите. За оваа моја мала торта, требаше малку ама јас напрајв троа поќе 😊

Соодносот оди како за павлова од прилика! На една белка оди 50 гр шеќер.

7 белки

350гр шеќер

350гр Путер

Ванила  во облик каков имате (Јас користам еден од облиците Ивана што ми ги прати од Виена 😊)

Белките со шеќерот ги ставате во тенџере на оган и ги варите да стигнат до макс 70°. На 65 почнува да се топи шеќерот, затоа.

Така загреани ги цедите низ цедалка и сé што има преварено ќе остани во цедалката. Од цедење дирек на мискер и таму едно добри 10-15 минути. Дури не добиете цврста бела смеса како врвовите на килиманџаро или шапка.

Уште си врти миксерот и полека полека се додава путерот во форма на коцки или други парчиња. Путерот не смее да е многу ладен ама да не е пак и многу стопен. Тетката од кај што го видов кремов вика, извадете го од фрижидер 45 минути претходно. Ако ви е дома топло како кај мене, 30 минути претходно е доволно.

Знам дека количиниве путер се за во несвест паѓање ама кремот многу убав.

Мискерот игра дури не се соедини целосно путерот. Нека не ве фаќа паника, му треба време.

Кремот е готов!

Фил 2.

Крем сирење 1 пакување 250 грама

1 круша

40гр путер

40гр шеќер кафеав – (мускавадо или како и да се вика)

Крушата е лупена, сецкана на ситно и оди во тавче на оган сосе шеќер и путер. Да изврие убаво, вишок вода ако има да испари и после на смесата ќе и влезите со пасатор или во блендер да се стори каша. Ако ве мрзи, има готови кашички од круша и јаболко по маркети, можете и со таква.

Во миксер го матите сирњето и ја додавате кашата од круша.

Фил 3. (опционално) Крем од лимон.

4 јајца

100 гр шеќер

125мл сок од лимон

50-60 гр путер – ладен од фрижидер

Рендана кора од лимон и може од зелен лимон

Маткате јајацата со маталка сосе сé освен путерот.

На пареа ја варите смесата додека не згусне, ја процедувате низ цедалка и го додавате путерот.  Смесата е готова.

Декорација – Пржен ананас

Ананас на кругчиња од конзерва го пржите во тавче со шеќер (одокативно) и малку од течноста од конзервата.
Треба да се карамелизира – тогаш е готов.

Соединување:

Пандишпанот се сече на 3 дела, за тортата после да биде цела.

Најдолу се мачка швајцарскиот крем

Втор спрат крем сирење и круша

Трет спрат крем од лимон

Најгоре на чатија, ананасот. Ако имате желба, може да ја премачкате од страна со кремот швајцарски. Јас сакав да е гола, да и се гледаат цревата и ја оставив таква, ко куќа немалтерисана. Рузмаринот е за уметнички дојам 😊  

Леле, текстов! Ајдучка чешма! 4 страни и 30 строфи.

Уште ја нема пробано тортата славеников, ако не му се бендиса ќе си ја турам во вратов.

Сите кремови што ви се вишок, замрзнате ги. Ќе ви се најдат. Знам дека сум дрво со прецизни мерки ама голем дел од работите ги балансирам сред изведба.