Подоцна од обично го објавувам овој рецепт. Ем времето туршија ем буквата У. Убава ама за готвење незгодна!

У ја засакав од бушава азбука! Толку едноставно и ноншалантно си го тераше разубавувањето У и на крајот У- Убава! Без паника, без стрес без препреки, виткање, кршење како останатите букви. Едноставно, семпло што велеше баба ми. Во три потези, У- Убава.

Рецептот тргна од идејата за мојата варијација на тема Тирамису што го викам Ууурамису, до оваа торта! У- Убава. Имаше дијалог со другите станари на мојата глава да имаме некаква варијанта на нешто со урми или може некакви уштипци ама сепак на крај со консензус решивме да е У- Убава! Рецептот сама го склопив, варијација на тема е пандишпанот ама остатокот на тортата е интуитивен, без никава рутина, без следење на некакви веќе претходно испробани рецепти.

Повеќе време ја мислев отколку што ја правев.

Едноставна а многу комплексна, навидум лесна а сепак си бара внимание и време. Како У- Убава.

Периодов, последниве 3-4 месеци сум опседната со нежни и тивки ароми што може да се додатат на едноставни состојки за истите да се поинакви и поразлични од нешто што досега сум пробала, направила.

Како стареам, а се ближам накај 40 така повеќе ми се допаѓаат нежни вкусови, со многу слоеви што се отвораат пред непцето на секое наредно залаче. Ги избегнувам јаките ароми и вкусови. Сакам вкусови што ќе ме пленат на средина, нема да ме размаваат на почеток а ќе ми останат негде на непцево и околу крајници уште 1 саат после јадење да ги одгатнувам што точно се. Почнав да ги барам и испитувам меките и едноставни торти со малку рустикален шарм, без многу шлагови кремови.

Заглавив на колач торти и еве веќе некое време со нив се борам.

Нова форма на класика пандишпан е нешто што ме фасцинира периодов. Без многу интервенции и компликации. Просто и едноставно ама вкусно. Како У- Убава!

Оваа седмица ми беше комплицирана и напорна. Се изнашетавме со животниве до ветеринар и назад. Убоди од пајаци, инфекции од рипање преку ограда, бебе верверичка падната од дрво, редовни преврски на Убавка- мачето со 3 нозе. Цело време си мантрав, леле викендов ко ќе се насадам в бавча па ќе земам све да средам за пролетно садење па трева нова ќе насадам, па ќе ги вадам надвор цвеќињата, па ќе си ги тестирам тавите на раат,  планови еден тон. Кога тоа, викендов имаме снег до колена и еве недела навечер е уште си врни, си го наклава снегов, полека но сигурно.

Мајка ми ги направи нејзините минијатурни снешковци, кучињата 2 пати ги направија прекривките во дневна попара со вода и кал. Сума сумарум, викендов нема В од тој викенд што го планирав.

Среќа, ветеринарката ми е фантастична! Дојде денес, ги спастри сите, ги преврза, боцна, се по ред. Како е тргнато, колку доверба имам во неа, ќе си ја пишам за матична.

Вака ко ќе се распишам па ќе се сепнам! А бре Маја, пиши рецептот, шо си се распишувала за џабе. Луѓето ти ги читаат рецептите, не ја тупи многу.

Значи, У- Убава! Торта на еден спрат или ако сакате приземје со поткровје без спрат.

За Пандишпан треба:

3 средни М Јајца ( на собна температура)

70 гр шеќер

100гр брашно

45мл млеко

30 гр путер

3-4 грама црн чај

За фил

2-3 лажици мармалад од портокал

130 грама чоколадо

1 кесичка шлаг

2 лажици какао

100 грама крем сирење

Подготовка:

Јајаца се мешаат со шеќерот и се ставаат на пареа. За ова ви треба и термометар. Јацата се мешаат на пареа до 40°Ц. Се тргаат од пареата и се мешаат со миксер додека не се добие убава кремаста структура и додека убаво не обелат јајцата. Дека имам миксер што стои, време за маткање на јајцата ми е времето на подготовка на млекото.

На пареа ги ставам млекото со путерот и чајот. Треба да се растопи путерот во млекото а за тоа време чајот ќе ги пушти магиите.

Откако путерот е стопен, во јајцата го додавам брашното и мешам со миксерот ама на мала брзина. Сум пробала да го соединам брашното со мешање со лажица ама ова со миксеров повеќе ми се допаѓа. Така измешани јајцата со брашното ги запознавам со млекото. Две-три лажици од смесата од јајцата префрлам во млекото, мешам додека не соединам и после смесата ја враќам во остатокот со јајцата.

Го печам на 170 степени околу 30 минути во кружно тавче од 24цм. Тавчето го мачкам со путер и одозгора го попрскувам со брашно.

Вадам од рерна и оставам да се излади првин, потоа вадам од тавче.

Фил1:

Чоколадото се топи на пареа! 30 грама

Шлагот се мати со миксер и во него се додава стопеното чоколадо. Готово!

Фил 2:

Крем сирењето се мати со миксер и во него се додава мармаладот од портокал. Готово!

Прелив:

Се топи 100 гр чоколадо

Составување:

На пандишпанот се мачка филот од крем сирење и портокал па одозгороа се мачка филот од чоколадо.

Одозгора се полива со стопеното чоколадо.

У- Убава ја украсив со маракуја, јагоди, кокос и нане.

Може да ја украсите со портокали или со вазна свежо цвеќе ???? Изборот е ваш.

Наздравје