Кифлиња за нова година

Традиционално, пред нова година се буди богот на кифлите во секој од нас и се случува масовно жртвување на брашно и јајца во негово име.

Светото тројство на нова година – Кифлиња, Руска салата и Сарма! Нормално, се прават во енормни количини и после најлудата, јадиш и дојдауваш замрзната сарма и кифлиња до први мај.

Веројатноста да начекаш пластично од сладолед полно со сарма во замрзнувач на просечно македонско семејство во периодот од 1 до 15 Јануари е огромна.

Оваа година со карантиниве и алтернативните начини на дочек на новата година и познавајќи го нашиот менталитет и осет за количини на храна, сарма и руска ќе има на претек.

Многу ретка и уникатна комбинација се руска со кифлиња. Значи, дали мацаш во руската со кифла или ја полниш кифлата со руска или јадиш наизменично, кифла па руска е небитно. Битно е кифлата да е мека ко душа и да стигниш до фаза на прејадување од шо е слатко.

Кај мене во фамилија постојат сериозни доктори на науки на темата кифла, со долгогодишно искуство на темата. Што би рекле во Прилеп, Домајчинки со прст покажани!

Значи, без претерување ама жените кај нас во фамилија партал прават во кујна. Знам дека никогаш нема да ја надминам на мајка ми сармата и никогаш нема да ги надминам од Мимоза месените работи. Освен што крвта не е вода и снашките скроз ни е се од тој калибар, опасно добро готват. Машкиот пол малку послабо интервенира во кујна ама тоа што го прават е фантастично. На пример, татко ми сечи зелка за подварок со милиметарска прецизност и тоа никој не го може.

Да се вратам на кифливе! Рецептот одеше вака: Мамо, на буквата К сум, ќе прам кифли, дај рецепт за тие што ги правеше кај мене пред 2 недели.

  • Маја маме, немам рецепт, по тамина ги праев кај тебе, не се сеќавам како беше. Ама ќе ти дам друг рецепт. Сакаш мрсни или посни?
  • Мрсни мамо, да се како пуфка меки.
  • Маме, јави и се на Мимоза, таа има еден рецепт универзален за тесто, многу е убав, нека ти го кажи, прај ги така.
  • Добро мамо, ај чао.
  • Ајде маме и после знајш, можи и како триаголници да ги сечиш а можи и на мали ѓузлемина да го поделиш тестото и да ги прајш како моите кифли.

Нормално, после ова муабетот со мама продолжи уште 10 минути и стигнавме од кифлиња до сијалички новогодишни и до многу уба страна на фб најдов за алишта со големи бројчиња ама тоа е дел од секој разговор мајка – ќерка.

И пишувам на братучеда ми Мимоза за рецепт на вибер, дека одамна не живеат овде. Ретко ги гледам, а често ми фалат.

Роске, дај рецепт за то некое универзално тесто што си го имала, ќе прам кифлиња. Мама ми рече многу било убо.

Мајуш, то е со брашно, вода, масло, лалаллала ама то поќе го користам за погачи ко ќе прам. Ќе то го дам другиот рецепт, за кифли, лесно, брзо и ем се меки ем се лични.

И така, Роска ( Мимоза) ми го даде рецептот, јас го направив и излегоа прекрасни меки како душа кифли полнети со сирење а одозгора премачкани со јајце и мешан состав од сусам, буковец, маак, крупна сол. Фалеше ким ама далеку ми беше да одам да купам.

Додека се бркав со тестото и рецептот, пристигна Кристина со нејзиното кисело тесто со маја, ми донесе леб и си го донесе своето тесто со маја да правиме кифли и од тоа тесто.

Нејзиниот рецепт може да го најдите на @homemadebykristina профилот на инстаграм а мојот рецепт стандард на @mjama23, овде во писаниево на NEA.mk Или на на mayacooks.mk

Значи, за овие кифливе што се меки како памук и облаци ви треба:

1 свеж квасец

200 мл Јогурт

200 мл млеко

200 мл кисела вода

200 мл масло

1 Јајце

1 лажиче шеќер

1 лажиче сол

900 гр до 1 кг Бело брашно

100 гр путер

Процедура:

Квасецот го растворив во млекото и го додадов шеќерот и го оставив да расти. Дома беше толку топло што квасецот се дуплира за 7 минути 😊

Во голема вангла ги ставив маслото, јогуртот, водата јајцето и ги изматив со жица за матење, го додадов стасаниот квасец и убаво ги измешав.

После тоа, дел по дел додавав од брашното. Треба да се замеси меко тесто. Не го премесувајте, треба да е меко на фат и допир, да не е како тесни пантолони.

Значи, откако се формира некаков тесто, го извадив од садот и го размесив на маса, со додавање брашно по потреба.

Сега, кога го пишувам рецептов сфатив зошто морав да додавам уште брашно 😊 Ми текна дека турив 2 јајца место едно 😊

Значи, читајте рецептите убаво и отворете очите 😊

Откако ќе се добие убавото и меко тесто, на допир е како раката од наставничката Љубица од забавиште, го враќате во ванглата, покривате со чиста крпа и оставате да порасни тестото. Треба да се дуплира.

После растење, тоа е од прилика некои 45 минути, тестото се тркала од ванглата на работната површина која е набрашнета и се дели на 10 топчиња.

Секое топче се сука во мал круг, дијаметар 10-15 цм и се премачкува со путер. Се редат едно врз друго на 2 места по 5 расукани топчиња.

Се мотаат во најлонска фолија и се ставаат во фрижидер на 15 минути да одморат.

Потоа се вадат, се сука тенка кора од ½ цм и се сечат и мотаат по желба.

Може да го исукате тестото во круг и да го поделите на дропки во зависност од желбата за големина на кифлите или може да го поделите на ленти па така да ги мотате.

Дел од кифлите ги направив празни а дел ги направив со фил од јајце со сирење.

Во плех, премачкан со путер, ги наредив на пристојно растојание дека ќе растат па да не се залепат. Одозгора ги премачкав со јајце, им ставив мали парчиња путер и ги наросив или со буковска сол или со крупна сол или со сусам или со маак.

Ги ставив на 200°Ц и ги печев до благо заруменување. Ако се препечат ќе бидат како камчиња.

Пораснаа кифлите, како маторици се сторија 😊 Многу се смеев.

Прекрасни се, вкусни и прекрасни!

Ако ви фаќа око, земете рецептов и створете ги.

Многу се вкусни!

Наздравје