После консултирање со големиот народен кувар и неколку помали но историски важни тетратки за готвење, решив да си готвам како си сакам и наместо индијанки или ишлери, ја направив мојата симпатична и сочна индиско платно пита.

Името потекнува од мојата „голема“ желба за пеглање! Кој ја измисли пеглата и прслукот да си јади ушите. Не сум љубител на пеглање, пеглам кога морам, ретко и неквалитенто а некогаш само видливите делови.

Во 4то одделение на крај на школска година требаше да се фотографираме и си облеков едни фини алишта што се состоеа од некој плишан дводелен костум со кошула одоздола.

Плишот не се пегла, ама кошулата како крава да ја џвакала. Демек ја испеглав, се облекувам, застанав на огледало и едната јака од кошулата, џимиринка. Инвентивна сум била од мала, зедов и со пеглата дирек на јаката, демек полесно е ако се гледам на огледало! Како вреснав прописном арно немаше никој дома. Дупло ќе врескав ако ме видеше баба ми што работам.

Имам мала лузна од настанов, се залепив сосе јака ама бев на училиште и се сликав, со болки со сите нишни.

Како што стареам, желбата за пеглеање ми се намалува и нон стоп сум во потрага по природни материјали што не се туткаат. Еден од тие материјали е индиско платно, материја за кој што мајка ми ми ги отвори очите.

Кумот мој е бетар од мене со пеглеањево, и се појави еден ден на работа со една кошула, како во заден џеб од тесни фармерки чувана.

-Шо прајш со кошулава?

– Ништо бе, шо ми фали?

– Не е за фалење, туткан си ко крава да те џвакала!

– Индиско платно е, не се пегла! Така мајка ти ми кажа.

После тој настан сите материјали се индиско платно 😊

Марија ми донесе пегла поклон за новата дома. Ја најдов пеглата пред 2-3 недели, барав саксија да пресадам цвеќе, сега знам каде е пеглата.

Освен што е досадна работа што одзема време, пеглањето троши и струја што може да се искористи за нешто фино да се зготви или испече, како на пример мојата индиско платно пита за 6 лица и 2 литри јогурт.

Потребни намирници:

  • ½ кг кори за пита – ако не ве мрзи тегнете, ако ве мрзи, купете. Моите, денешните кори се Трио, добри се. Сепак, корите од малата продавничка на зелен пазар (ако живееш во Скопје) се најдобри. Секој во својот град си знае кај има супер кори.
  • 1 праз Ø 20 – ситно сецкан
  • ½ кг спанаќ – сецкан на ситно
  • 70-80 гр Ореви
  • 250 гр сирење по желба
  • 5 јајца
  • 300 мл Јогурт
  • 100 гр павлака
  • ½ пециво
  • 70-80 мл масло
  • 30 гр путер
  • 40 мл вода
  • Сусам

Корите се делат на 2 места по 3 кори и остатокот. Во мало тенџерче ги ставате маслото, водата и путерот да зовријат. Смеса позната како МВП

Во четвртаст подлабок плех ги ставате првите 3 кори, една по една и ги премачкувате со МВП.

Другите кори ги ставате во плехот и ги редите една до друга, истуткани како маици после фи

зичко 😊

Така ќе си ги наредите сите кори, без последните 3 кои се чуваат за најгоре.

Попорскајте ги тутканите кори со МВП, одозгора посипете ги со прачиња сирење, ставете го врз сирењето

ситно сецканиот спанаќ, па празот и на крај оревите, сецкани на средно крупни парчиња.

Испрскајте најгоре со МВП и ставете ги последните 3 кори одозгора, исто како првите 3.

Значи, секоја кора измачкана со МВП.

Вака наредена питата ја сечите со остар нож на парчиња, големината на парчињата нека е по сопствено убедување. Изберете тенок нож со остар врв и сечете со врвот од ножот.

Во садод кај што ви стоеше исецканиот спанаќ искршете 5 јајца и изматете со жица или ако ве мрзи со мик

сер, додајте го јогуртот, павлаката, пецивото и остатокот од МВП ( ако ви останало нешто. Ако не, ставете малку водичка)

Со смесата ќе ја удавите питата. Откако ќе ја удавите, чукнете го плехот 2-3 пати од работната површина да се распореди добро смесата од јајца.

Посипете со сусам одозгора и ставете во рерна да се печи на 200°Ц околу 20 минути.

Спанаќот ќе пушти вода за време на печењето, ако после 20 минути, горната кора е заруменета а гледате дека питата има уште течност, ставете го плехот најдолу во рерната и печете само со долен греач 5-6 минути.

Питата е одлична и различна.

Може да имате по дома прашања, што е чудна питава? Празот не е претходно запржен, свеж е, исто и спанаќот, нит е бланширан нит шатиран. Свежи се и вкусот е поразличен од она на што се навикнати нашите непца.

Питата се прави за 45 минути, без миење спанаќ. Тоа е веќе друга димензија на мерење време.

Ако ве мрзи да миете спанаќ или немате свеж, замрзнати брикети спанаќ ќе ви завршат работа. Одмрзнете го спанаќот во голема цедалка, за да излези вишокот вода од него.

Сечењето праза на тркалца мене ми е медитација, исто и сечење печурки, уживам во процесот.

 

Ако сте пациентче како мене, ќе уживате во подготовка на питава, ако решите да ја

правите без ќејф, да ве предупредам дека и вкусот ќе е без ќејф.

За појадок е одлична.

Предупредување: Заради присуство на спанаќ, не се препорачува притоплување на питата.

Наздравје и пишете како поминавте по дома со индиско платно за 6 лица и 2 литри јогурт.